Владата со одлука ги врати старите цени за осигурување од автоодговорност при регистрација на возилата. Комисијата за автомобилска одговорност донесе препорака, а Владата донесе одлука да се вратат цените, откако на 25. април се покачија за 15,4%.
Осигурителните компании од вчера почнаа да ја применуваат одлуката која беше објавена во Службен весник.
Осигурителните компании реагираа на оваа одлука, и кажаа дека „одлуката претставува директна закана за финансиската стабилност на осигурителниот сектор, поставување во целост на регулаторно ограничување во ценовните политики што е спротивно на препораките на ЕК во извештајот за напредокот на нашата земја, кое може сериозно да ја доведе во прашање грижата за осигурениците“.
Не се знае што ќе се случува со уплатите на граѓаните кои ги регистрираа возилата со повисоко осигурување во периодот од донесување на одлуката за зголемување на цената до вчера. Ниту владата, ниту осигурителните компании немаат одлука за тоа.
Граѓаните во периодот на повисоки цени на осигурувањето на возилата плаќаа повеќе од 840 до 1.600 денари.