Во Македонија не е тешко да се тера бизнис, ама има многу корупција, вели Стејт департментот

Од:

Додека водењето бизнис е генерално лесно во Северна Македонија, и правната рамка во голема мера е во согласност со меѓународните стандарди, корупцијата е постојан проблем, се вели во извештајот на Стејт департментот за климата за инвестирање во државата за 2021 година.

Во извештајот, како што јави ВОА, се наведува дека имало кредибилни обвинувања за корупција во полицијата, судството и многу други сектори.

-Актуелната Комисија за борба против корупцијата (ДКСК), именувана во февруари 2019 година, продолжи со работа по усвојување на новата легислатива за антикорупција во јануари 2019 година, и е особено проактивна оттогаш. Комисијата отвори бројни истраги поврзани со корупција, фокусирани на високи официјални лица од политичкиот спектар, за наводни непотизам и конфликт на интереси, стои во извештајот.

Во него се наведува дека „Транспаренси интернешнл ја рангираше Северна Македонија на 111. место од 180 земји, согласно Индексот за перцепција на корупцијата во 2020 година, што е пад од пет места, поради недостаток на владини напори за борба против корупцијата и судирот на интереси во јавната администрација. Како резултат на јавното разочарување и притисок поради високиот индекс, делумно, го поттикнаа вицепремиерот за борба против корупцијата да воведе етички кодекс за членовите на Владата и сите други функционери назначени од Владата, според кој тие мора да се посветат на транспарентна и одговорна работа“.

-Со цел да се зголеми транспарентноста и отчетноста при јавните набавки, Бирото за јавни набавки воведе електронски систем кој овозможува објавување на известувања од домашни и меѓународни институции, прегледи на тендерска документација без регистрација во системот, е-плаќања за употреба на системот, електронско архивирање, и електронско поднесување жалби. Владата не бара приватните компании да воспостават внатрешни кодекси на однесување со кои се забранува поткуп на јавни службеници. Голем број домашни невладини организации се фокусираат на антикорупција и транспарентност во јавните финансии и тендерските постапки. Чести се извештаите за непотизам на јавните тендери. Владата не обезбедува никаква посебна заштита на невладините организации вклучени во истрагата на корупцијата. Многу бизниси кои работат во Северна Македонија, вклучително и некои американски бизниси, ја идентификуваа корупцијата како проблем во владините тендери и во судството. Ниту една локална фирма или непрофитна група не обезбедува услуги за проверка на потенцијални локални партнери за инвестиции. Странските компании често ангажираат локални адвокати, кои имаат познавање на локалните индустриски сектори и пристап до Централниот регистар и деловните здруженија, кои можат да обезбедат финансиски и позадински информации за локалните бизниси и потенцијалните партнери, се нотира во извештајот, пренесува ВОА.

Бројни меѓународни извештаи забележуваат дека владеењето на правото останува клучен предизвик во Северна Македонија, посочувајќи на прекумерно владино, бизнис и/или политичко мешање во судството, и недоволното финансирање и управување со административните судови како големи пречки.

-Владата продолжи со големи реформи, во текот на целата 2020 година, за подобрување на судската независност и непристрасност, но спроведувањето на договорите и согледуваните нетранспарентни практики за јавни набавки остануваат предизвик за деловните субјекти, вели извештајот.

Северна Македонија, се нагласува во извештајот, продолжува да биде отворена за комерцијални инвестиции на САД. Во него пишува дека пандемијата на Ковид-19 длабоко ја погодила економијата на државата и способноста да ги апсорбира странските инвестиции. Според извештајот, „Владата генерално ги спроведува законите, но оти има бројни извештаи дека некои официјални лица остануваат вклучени во коруптивни активности“.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Интервју со Огненовски: Треба да имаме доживотни и смртни казни за сите што ја пљачкаат Македонија, да се конфискува се што е нелегално стекнато од 1991 година наваму

САД: Северна Македонија да го одржи духот на Договорот од Преспа

Пивоваров: Полиграфска проверка на службениците на границите, како мерка за сузбивање на корупцијата

Стејт департмент: Израел уверува дека сака дипломатско решение со Хезболах

Антикорупциска испитувала непотизам на битолскиот универзитет: Вработен професор кој бил второрангиран

Напредок од два индексни поени и девет позиции на Индексот на перцепција на корупција за 2023