Власта и опозицијата со различни толкувања за шестиот пакет мерки, туристичко-угостителскиот сектор денес ќе го каже својот став

Од:

Шестиот пакет мерки, тежок 17,8 милиони евра, предизвика различни толкувања и реакции. Според власта, тој е таргетиран, со поддршка насочена кон најпогодените сектори и ќе ги даде очекуваните ефекти, додека за опозицијата, мерките се задоцнети и ненаменски предвидени.

Со свој став за мерките денеска се очекува да излезе и Туристичко-угостителската комора (ТУК) од каде вчера изјавија дека се уште ги анализираат мерките и чекаат одговор од Владата за начинот, методологијата и условите под кои ќе може да се аплицира за предвидената помош.

-И во минатите пакети, едно беше колку се дава, а друго начинот на кој се аплицира преку институциите како УЈП и условите што треба да се исполнат од аспект на документација, платени давачки,… Денеска е пратен допис до Владата за да ни се испрати точната методологија, односно како е замислено да тече начинот на апликација и кога е планирано тоа да се имплементира. Досега сме сведоци на континуирано задоцнето реализирање на мерките. Исто така, треба да видиме и на што се однесуваат тие 30 проценти, дали од вкупно прикажаниот приход или од некој друг начин на пресметување приход. Има многу нејаснотии, ја повикуваме Владата да ги објасни за да знаеме што не очекува и во кој поравец да движиме, изјави вчера Мартин Ангеловски од ТУК.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека имале јасна намера и понудиле одреден модел со кој ќе биде поддржан секој субјект од угостителството и туризмот.

– Одобривме вчера пакет од 17,8 милиони евра за еден сектор за којшто навистина сметаме дека е битен, без никакви скриени намери. Го понудивме тоа со што во овој момент државата може да помогне, оцени вчера Битиќи.

Според него, ефектот од досега понудената помош е 100 проценти.

– Можеме да кажеме дека четирите пакети коишто Владата ги донесе минатата година покажаа дека ефектите се видливи кога знаете умешно да испланирате и таргетирано да ја дадете помошта. Ја завршивме 2020 година со пад од минус 4,5, а без помошта која што ја даде Владата, падот би бил 8,7 проценти и тоа е суштинска разлика. Сме направиле ефект од 100 отсто од тоа што сме го дале, рече вчера Битиќи во изјава дадена по потпишувањето на договорот за државна помош со германската компанија „Дрекселмајер“.

Ставот на опозицијата е дека се даваат „трошки“ за стопанството кои нема да бидат од помош за излез од кризата.

– Додека бизнис секторот и стопанството во Македонија мака мачат како да ја надминат КОВИД кризата, ни со овој пакет мерки нема бизнис секторот да ги покрие ни дел од загубите. Овој пакет, власта го има скроено со цел минимална санација од штетите кои се предизвикани од пандемијата, а не за обесштетување на фирмите, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Туристичко-угостителскиот сектор веќе два дена протестира пред Министерството за финансии, а од денеска, според најавите, ќе им се приклучат и сметководителите. И тие, како и туристичко-угостителскиот сектор, најавуваат дека ќе протестираат додека не им се исполнат барањата.

Бараат директна неповратна финансиска помош, транспарентно донесување закон за сметководствени работи, пролонгирање на роковите за годишните сметки и даночните пријави, како и задолжителна консултација со експерти од дејноста за секоја дополнителна обврска со рок.

Би можело да ве интересира

MINT Fintech Group ја поддржа eCommerce конференцијата 2024 како бронзен партнер

АД МЕПСО ги прекинува сите видови на донации и спонзорства до крајот на оваа година

Матарела повика на отстранување на бариерите кои го попречуваат влезот на италијанските производи на кинескиот пазар

Предраг Петровиќ

Победата на Доналд Трамп на американските избори го зајакна доларот во однос на еврото

Буџетот за 2025 година усвоен на владина седница

АД ЕСМ: Набавуваме електрична енергија поради нискиот хидропотенцијал