Владата објави оглас за геолошки истражувања на 72 локации

Од:

Владата бара концесионер за детални геолошки истражувања во локалитетот Мајдан кај Кавадарци, познат како Алшар. Мајдан е дел од 72-те локации за кои Владата распиша повик за избор на концесионер за детални геолошки испитувања за минерални суровини, што ќе трае до 21 јануари, информира денеска на прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Според него, има голем интерес за геолошките истражувања, особено од меѓународни компании, но тие можности треба да ги искористат и домашните субјекти.

– За локалитетот Мајдан има голем број заинтересирани, пред се од САД, Западна Европа и од источниот свет кои веќе се јавуваат во Владата и во Министерството за економија и бараат подетални податоци како би можеле да аплицираат за истражување на овој локалитет. Но, тоа е добра можност да се вклучат и домашните компании со апликации, рече Ѓорѓиев.

Локалитетот Алшар е познат по ретките минерали талиум и лорандит, кои, според досегашните истражувања, тука се наоѓаат во најчиста форма и во најголемо количество. По добивањето концесија, концесионерот ќе врши истражувања во период од две до четири години, по што зависно од резултатите добива можност и за концесија за експлоатација.

Со владиниот повик за детални геолошки истражувања се нудат за истражување 36 локации за неметалични минерални суровини, 31 локација за металични, четири за украсен камен и една локација за геотермални води. Целта на досега најголемиот единечен јавен повик е овозможување нови услови за раст на бизнисите, отворање работни места и обезбедување приходи за општините и државата.

Во првата половина на јануари, најави Ѓорѓиев, ќе биде распишан јавен повик и за директна експлоатација на 30-ина локалитети, чија финална листа ќе ја утврди Владата на следната седница. Со цел дополнително уредување и развој на дејноста со минералните суровини Владата одлучила од 1 јануари да почне со работа новооснованиот Геолошки завод, а за директор е назначен д-р Гаврил Мираковски, дипломиран инженер геолог-геофизичар со работно искуство од 35 години во областа.

Владините активности и мерки за искористување и развој на бизнисот со минералните суровини, дејност која вработува околу 2.000 лица, според Ѓорѓиев, резултирале меѓу другото со поголем прилив на пари во буџетите на општините и на државата по основ на надомест за концесија за истражување и експлоатација. Во изминатите 2,5 години општините по тој основ инкасирале околу 12 милиони евра. Во 2010 година од надомест на концесии за минерални суровини се собрани 422 милиони денари од кои за општините биле 330 милиони денари. Лани се инкасирани вкупно 496 милиони денари, од кои 386 милиони денари за општини. Во првата половина од годинава тие приходи изнесувале 250 милиони денари, при што општините собрале 200 милиони денари.

Би можело да ве интересира

Вучевиќ: Македонија ќе најде повеќе од партнер во Србија

А1он

Елиминирањето на конкуренцијата во изборот за универзален снабдувач граѓаните ќе ги чини стотици милиони евра повеќе за сметки за струја

А1он

Универзалниот снабдувач избран без да се овозможи конкуренција, граѓаните ќе плаќаат милиони евра повеќе за струја

А1он

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов