Владата не попушта: И во 2023 година ќе имаме најскапи патарини во Западен Балкан

Од:

Владата не планира да ги намали цените на патарините во следниот период и покрај тешката економска криза, а министерот за транспорт и врски Благој Бочварски тоа го правда со потребата од собирање средства за изградба на патните правци.

Оваа година Јавното претпријатие за државни патишта инкасирало околу 40 милиони евра само од патарини и Бочварски вели дека тоа се пари кои се значајни во финансиската конструкција на инвестиции во патните правци.

– Делницата на коридорот осум од Кичево до Охрид изнесува 600 милиони евра, експресниот пат Градско-Прилеп е над 50 милиони евра, патот Штип-Кочани кој треба биде пуштен пред Нова година исто така чини многу. Ако сакаме да имаме модерни и безбедни патишта и да реализираме повеќе патни правци, а следната година се планирани преку 120 километри патишта, за тоа се потребни инвестиции. Во 2023 година треба да почнат да се рехабилитираат патните правци Тетово-Гостивар, Прилеп-Битола, Подмолје-Струга-Кафасан, Гостивар-Кичево, а треба да заврши изградбата на автопатот Кичево-Охрид.

Не смееме да ја доведеме во прашање ликвидноста на јавното претпријатие и во овој момент остануваат исти цените на патарините. Немаме направбено анализи во која насока да одат цените, некаде растат, остануваат исти, важно е да продолжи изградбата на патната инфраструктура – рече министерот Бочварски.

Министерството за транспорт и врски и ЈПДП пред неколку месеци ги пуштија во употреба двете нови патарини на автопатот Миладиновци-Штип, Преод и Кадрифаково, кои граѓаните кои возат автомобил ќе ги чинат дополнителни 240 денари во двата правци.

Оваа делница беше последната на која немаше изградено наплатни станици на автопатската мрежа низ земјава, а по пуштањето на патарините Македонија ќе биде земја со најскапи автопати во Западен Балкан.

Оние граѓани што живеат во Гостивар или во Гевгелија ќе платат 1.000 денари патарини за вкупно 460 километри во два правци на автопатот до македонско-грчката граница или обратно, ако возат автомобил, односно 2,57 денари по километар автопат. Патникот што ќе транзитира со автомобил од Табановце до граничниот премин Богородица ќе плати 760 денари.

Ако се направи споредба со соседна Србија која наплаќа според поминати километри, за 600 километри во еден правец или 1.200 км во двата возењето по оваа делница со автомобил чини 37 евра во двата правци или 1,89 денари по километар, што е поевтино отколку кај нас.

Патниците од Велес, Штип, Куманово и Тетово секојдневно возат по овие автопатски делници и имаат огромни трошоци за патарина на месечно ниво, а попуст може да добијат само ако надополнат огромни парични суми на бесконтактните М-кард кои ги издава Јавното претпријатие за државни патишта.

Цените на патарините, односно висината и начинот на наплата на надоместок за употреба на пат ги одредува Владата со Одлука која ја регулира оваа давачка.

Надоместокот за патарина за поминат километар за возилата од прва категорија Б се зема како основна категорија.

„Износот на надоместокот за извозено растојание од еден километар (надоместок за поминат километар) за возилата од прва категорија Б (основна категорија), изнесува 2,5784 денари/километар по возило. Вкупното извозено растојание за кое се наплаќа патарина се пресметува со множење на надоместокот за поминат километар, со должината на делницата за која се врши наплата на патарина“, стои во правилникот на ЈПДП.

Би можело да ве интересира

Владата на Пленковиќ го преживеа гласањето за доверба

Платформата за ХИВ бара неопходниот буџет за заштита на населението од ХИВ-инфекција

Владата размислува користењето на криптовалути да го стави во законски рамки

Влада: Оставката на Дамева е единствената исправна одлука

Ставот на Владата за уставните измени е јасен и остануваме на истиот, изјави Митева

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата