Владата денеска во рамки на 81.седница ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за август 2020 година, и го задолжи Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 25 август, а им препорача на деловните банки од 26 август да обезбедат пензионерите со августовските пензии да може да располагаат преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа, соопшти владината прес-служба.
Во заклучоците во врска со исплатата на пензиите за август 2020 година, им се препорачува на деловните банки преку филијалите и експозитурите на банките да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:
На 26 август (среда) исплата на пензии со висина до 11.000 денари; на 27 август (четврток) исплата на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари; на 31 август (понеделник) исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари; на 1 септември (вторник) исплата на пензии во висина над 18.000 денари.
Владата, како што се посочува, го задолжува Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија, и им препорача на деловните банки да обезбедат други дополнителни редовни исплати за корисниците на пензии кои се префрлени од Еуростандард Банка АД Скопје во другите деловни банки, со цел истите да може да располагаат со августовските пензии на 7 септември, 14 септември и 25 септември, за оние корисници на пензиите кои досега ги користеа услугите на Еуростандард Банка АД и кои до 25 август нема да успеат да отворат трансакциони сметки во другите банки.