Вината на Тиквеш со нова светска потврда за квалитет

Од:

Осум вина на винарската визба „Тиквеш“ добија високи оценки за квалитет од најпознатиот светски вински критичар Роберт Паркер и „Wine advocate“.

Црвеното вино „Бела вода“ од бербата 2012 доби високи 95 поени со што ја потврди високата оценка од пред две години. Истото вино од бербата 2011 година доби 94 поени, црвеното вино „Барово“ од 2011 и 2012 година е оценето со 93 поени, белото „Барово“ од 2012 и од 2013 со по 89 поени, белото вино „Бела вода“ од бербата 2012 со 90, а од бербата 2013 со 92 поена.

– Бела вода 2012 има извонредно богат вкус, сериозен и повеќеслоен карактер… Станува збор за вино кое доаѓа од Македонија и во кое можете да уживате полека, а останува неверојатно питко и балансирано, вака го опишува црвеното вино „Бела вода“ на „Тиквеш“ Wine advocate и тимот на Роберт Паркер.

Претседателот на Управниот одбор на „Тиквеш“, Светозар Јаневски смета дека успешната приказна на вината на „Тиквеш“ во голема мерка се должи на соработката со Филип Камби, еден од најценетите светски вински консултанти. По негова препорака е променет целокупниот процес на производство на вина, односно од садењето и одгледувањето на виновата лоза, па се до технолошка обработка на грозјето.

– Овој успех потврдува дека нашите вина можат рамноправно да се мерат со вината од светската елита. Повторувањето на високите оценки, овој пат дури за осум вина, е доказ за конзистентноста на квалитетот во сите фази на производството и огромен поттик за извозните аспирации на ВВ „Тиквеш“. Дополнително ваквите настани можат да се искористат во напорите за пробив во градењето на идентитетот на севкупната македонска винска индустрија во винскиот свет, рече Јаневски на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека потврда за квалитет од најпознатиот светски вински критичар досега во Европа имаа само вината од Франција, Шпанија и Италија, а од неодамна и вината на „Тиквеш“.

Директорот на ВВ „Тиквеш“, Игор Илиевски, пак, рече дека оценките на „Wine advocate“ и Роберт Паркер имаат трикратно значење за „Тиквеш“.

– Со континуитетот се потврдува стратегијата на квалитет пред квантитет, а воедно оценките се  најдобра препорака за консументите во САД како највлијателен светски вински пазар, чии ефекти се пресликуваат на европскиот, но и на пазарот во Кина. Дополнително оценките го позиционираат „Тиквеш“ на светската мапа на висококвалитетни производители на вина како предводник на македонската винска индустрија, рече Илиевски.

Во Македонија во изминатата година, како што беше посочено, за 15 остсто е зголемена консумацијата на вино од сите македонски винарии, но позначајно е што наместо квантитетот сега во преден план е квалитетот на вината.

Од ВВ „Тиквеш“ очекуваат извозот годинава да се зголеми за двоцифрена, па дури и за троцифрена бројка и најавуваат неколку новитети за следниот период. Во фокусот ќе им бидат пред се американскиот пазар, но и пазарите во Кина и Русија кои се најбрзорастечки.

Од ВВ Тиквеш потекнува преку една третина од вкупно извезеното флаширано вино од Македонија.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ е платформа за поврзување на регионот со светот

На македонската вечер организирана од Владата ќе се претстават над 300 винарии и македонски специјалитети

Франција: Полицијата ги разоткри продавачите на лажни премиум вина

Николовски: Зголемена откупна цена и поголеми приходи на лозарите преку новиот Закон за виното донесен од СДСМ

Благодарение на СДСМ цените на грозјето се покачуваат гарантирано за 25 отсто, велат од партијата

МЗШВ: Производната цена на килограм „смедеревка“ 18,3 денари, а на „вранецот“ 20,8