Во рамките на македонското претседателство со подкомитетот за царини и потекло на стоки во рамки на ЦЕФТА е покрената иницијативата за воспоставување на таканаречени зелени коридори на граничните премини за непречено минување на стоки за увоз и извоз, извести денес Ѓоко Танасоски, директор на Царинската управа. Сите земји членки на ЦЕФТА се обврзани да обезбедат 24 часовна работа на гранични премини за извоз и увоз на стоки во рамките на ЦЕФТА регионот, како и на клучните гранични премини со Европската Унија.
„Ќе се обезбеди заедничка листа на стоки во рамките на ЦЕФТА што ќе имаат приоритет за минување на таканаречените зелени коридори. Тука се опфатени свежите земјоделски и прехранбени производи, лековите и медицинската опрема“, рече директорот Танасоски.
Имајќи ја предвид зголемената побарувачка на етил алкохол како основно средство за дезинфекција во борба против коронавирусот, Царинската управа донела мерки за поедноставување на постапката за реиздавање на одобренија за повластени корисници на етил алкохол на установите од јавното и приватното здравство, како и на компаниите кои произведуваат средства за дезинфекција.
При набавка на алкохол за изработка на лекови и средства за дезинфекција донесена е Уредба со законска сила за примена законот за акцизите за време на вонредна состојба со кое е овозможено продолжување на рокот на гаранцијата за плаќање на акцизниот долг.
Во изминатиот период директорот Танасоски вели дека не се забележани никакви застои во прекуграничното минување на стоките.
Според податоците на Царинската управа за надворешно трговската размена, вкупната вредност на извозот во периодот јануари – март 2020 година изнесува 86,77 милијарди денари или 1,41 милијарда евра, што е поголемо за околу 210 милиони евра во однос на 2019 година.
Вкупната количина на извезени стоки изнесува 702.650 тони.