Увидот на Управата за јавни приходи (УЈП) во банкарските сметки на граѓаните ќе служи само за државата да си ги наплати даноците, смирува премиерот Зоран Заев. Тој вели дека граѓаните не треба да стравуваат оти институциите ќе имаат увид во тоа како и каде ги трошат парите бидејќи Управата ќе врши увид само во приходите.
„Нема да се прави увид во одливот на средства од сметките, туку само во приходите и тоа е исклучиво за наплата на даноците. Онаму каде што има најмногу приходи, наплатата на даноците е најмала. Апелирам до граѓаните да немаат никакви стравови, ова е само начин УЈП да си ги наплати даноците“, рече премиерот Заев.
УЈП ќе има увид и во парите што дијаспората ги испраќа во Македонија, но премиерот Заев тврди дека тие пари нема да се даночат.
„Се даночи приходот како заработка. Она што како помош на семејствата или донација им стигнува од странство на сметките не се даночи. Ќе се даночи приходот што на сметките стигнува како заработка за завршена работа“, објасни премиерот Заев.
УЈП ќе добие електронски пристап до банкарските сметки на граѓаните со измена на Законот за банките, која е во подготовка. Против измената на Законот се изјасни Македонската асоцијација на банките укажувајќи дека со увидот се навлегува во приватноста на граѓаните, нема заштитата на личните податоци и се губи банкарската тајна.
Премиерот Заев, пак, и денес повтори дека законот е европски и дека увидот во банкарските сметки е пракса во многу европски држави.
Маја Илиевска-Пачемска