На својот прв работен ден како шеф на новата влада, премиерот Зоран Заев, заедно со неговиот заменик задолжен за економски прашања и координација со економските ресори Фатмир Битиќи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши – министер за економија, Арјанит Хоџа – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јагода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Насер Нуредини – министер за животна средина и просторно планирање и Венко Филипче – министер за здравство, денеска имаше средба со претставниците на стопанските комори во земјата.
„Откако Владата го заврши процесот на примопредавање и протоколарниот прием кај Претседателот на државата, веднаш дојдовме на средба со претставници од бизнис секторот и економијата. Со тоа праќаме порака за доминантен фокус, прв и најважен фокус на новата Влада, а тоа е економијата и економскиот стандард на нашиот народ, и севкупниот раст и развој. Ни претстои неповторлив период кој треба заеднички да го искористиме,“ рече Заев пред претставниците на бизнис-заедницата.
„Денеска ја испративме пораката пред деловните луѓе за предвидливост во периодот што претстои, најавуваме стабилен период без предвремени парламентарни избори, четири годишен период кој е многу значаен за домашната економија која ќе може да планира динамичен раст и развој, идни инвестициони и нови економски активности на бизнис секторот.
Следува стабилна даночна политика, даноците остануваат стабилни во државата, но при евентуална промена на некоја од даноците, а пред сè мислам на намалувањето на даноците, секогаш на било која промена во иднина ќе имаме период на дискусија, дебата и разговори и период за подготовка на македонската економија.
Зборуваме за предизвиците пред кои што сме исправени, секако првиот предизвик е КОВИД-19. Досега имплементиравме значајни пакети на мерки за поддршка на економијата. Следуваат и следни пакети на мерки кои ќе ги имплементираме во овој есенски-зимски период, кои ќе бидат димензионирани заедничко со коморите за да ги максимизираме сите ефекти.
Драго ми е што досегашните мерки дадоа резултати, потрошувачките картички, директна поддршка од 14.500 денари за исплата на плати за три месеци и сите други мерки. Во моментот има почеток на постапките за поддршка на инвестициите од 20 милиони евра, има преку 800 апликации од бизнис сектор кои се доставени и верувам дека и тие средства ќе бидат добредојдени за нашата економија.
Значајно ми е да потврдам, дека јас лично како претседател на Владата, економист кој доаѓа од деловниот сектор во минатите две и пол години колку што имав чест да ја водам македонската Влада, научив многу од соработката со коморите, која е на заедничка полза на бизнис секторот, на работниците, извозот, бруто домашниот производ на државата, а секако и политички и за Владата. Тоа искуство ќе го користиме и во период што следи за да можеме уште по посветено да работиме, да соработуваме и да учиме од самите проблематики со кои се соочуваат комори, со цел брзо решавање, надминување и мултиплицирање на поддршка на Владата со стопанството.
Зборувавме за реформите во правосудниот систем кои значат многу за сите граѓани а особено за економијата. Ако правниот систем биде европски и стегнат, дефинитивно економијата ќе биде подвиг, мобилизирачка и посилна.
Утврдивме во делот на предвидливоста дека децентрализацијата како процес треба да продолжува, уште на почетокот од 2021 година ќе се случат првите чекори на децентрализација. Пописот останува определба за првото полугодие од 2021 година којшто како статистички процес е многу важен за економските проекции и планирање.
Денеска на првиот ден на владата нема на својата агенда меѓуетнички проблеми за решавање, тие се решени правно-формално. Сите се еднакви граѓани кои сакаат економија, стандард, подобра инфраструктура и на тоа ќе работиме. Сите соседи ни се пријатели, прашањата со соседите се решени. Тоа носи повеќе економија.
Членка сме на НАТО и држава со одлука за почеток на преговорите, пред нас е отворањето на европските фондови.
Преку овој прв состанок токму со коморите, ја праќаме порака на целосна посветеност на Владата кон економијата, економскиот стандард, јакнење на компаниите, извозот, за уште посилен рестарт на македонската економија, повисоки плати и зголемена потрошувачка моќ за граѓаните,“ рече Заев по средбата.