ВИДЕО: Во 2020 година скопјанка остварила најголем годишен доход – 453,1 милиони денари, највисока плата имал стружанец

Од:

Во 2020 година скопјанка остварила најголем годишен доход по сите основи од годишната даночна пријава, највисока плата имал стружанец, тетовец имал најголем доход од игри на среќа, скопјанец најголема пензија, а најмладиот и најстариот милионер со доход остварен од закупнина се на возраст од седум и 96 години, покажуваат податоците од Управата за јавни приходи (УЈП).

Како што информира директорката на УЈП Сања Лукаревска на денешната прес-конференција во Владата, најголем годишен бруто доход по сите основи од годишната даночна пријава од 453,1 милиони денари остварила скопјанка, што е двојно повеќе од најголемиот остварен годишен бруто доход во 2019 година.

-Највисоката годишна бруто плата во 2020 година исплатена е на граѓанин од Струга. Платата е остварена во индустријата со метали и изнесува 105,2 милиони денари. На листата највисоко рангирани бруто плати се најдоа и платите исплатени во секторот здравство, аптеки, одгледување на добиток, трговија со тутун и игри на среќа, рече Лукаревска.

Таа прецизира дека највисокото лично примање по однос на извршена работа изнесува 63,2 милиони денари на годишно ниво за повремено или привремено извршени услуги кон компанија за производство на алкохолни и безалкохолни пијалаци.

-Највисоката капитална добивка во износ од 151,6 милиони денари е остварена од граѓанин на Скопје од продажба на сопственички удел, додека највисоката исплатена дивиденда во износ од 306,3 милиони денари е исплатена исто така на граѓанин на Скопје сопственик на бизнис н за трговија со автомобили и моторни возила. Највисок доход од вршење на самостојна дејност е 73,5 милиони денари и го остварил скопјанец. Во десетте топ рангирани се наоѓаат адвокати, нотари, извршители, угостители, електроинсталатори и производители на амбалажи од хартија, рече Лукаревска.

Највисок доход од продажба на земјоделски производи во износ од 32,2 милиони денари, додаде, остварил ресенчанец, највисок бруто доход од закуп и под закуп на имот – издавање на земјиште, станови и деловни простории, превозни средства и друг вид на имот од близу 50 милиони денари остварил граѓанин на Скопје.

-Скопјанец е прво рангиран според остварен бруто доход од авторски права и други стварни права во износ од 15,4 милиони денари, додека по основ на права од индустриска сопственост граѓанин на Скопје остварил бруто доход во износ од 9,2 милиони денари. Највисока добивка од лото, обложување, казино и учество во наградни игри остварил граѓанин на Тетово чија добивка изнесува 40 милиони денари. Прво рангираниот пензионер е од Скопје кој пријавил странска пензија во износ од 5,8 милиони денари на годишно ниво, лице од Тетово е со највисок годишен бруто доход по основ на уплатени премии и исплатена осигурена сума во износ од 6,2 милиони денара, посочи Лукаревска.

Во категоријата друг доход прво рангирана е скопјанка која доброволно пријавила бруто доход од 449,6 милиони денари, а второ рангиран е тетовец со доход од 247,7 милиони денари исплатен од компании кои работат со мрежни, социјални и видео платформи. Најмладиот милионер роден во 2013 година остварил доход од 1.016.947 денари, а најстариот на возраст од 96 години остварил доход во износ од 4.570.535 денари.

УЈП за 2020 година изготви и достави пополнета годишна даночна пријава за 769.794 граѓани со искажан годишен бруто доход од 331.146.120.469 денари, а пресметаниот данок на личен доход е во износ од 19.607.095.073 денари. Годишна даночна пријава до 31 мај годинава ја потврдиле 37.294 граѓани, а автоматски службено се потврдени 593.375, додека коригирани се 1.832 годишни даночни пријави.

За 40.021 граѓанин утврден е бруто доход од над еден милион денари, додека 616.024 лица имале доход од 100.000 до еден милион денари, 78.665 граѓани имале доход до 100.000 денари, 34.516 до 10.000 денари, 557 до 100 милиони денари, а 11 над 100 милиони денари.

Би можело да ве интересира

Поради зголемен прилив на ДДВ-04 пријави, системот Е-даноци работи забавено

УЈП очекува детали од Министерството за финансии за најавеното намалување на даноци

Констатирани неправилности кај шест даночни обврзници во општина Виница

ВМРО-ДПМНЕ: Парите што се краделе од СДС и ДУИ сега завршуваат во буџетот

Петрова ја презеде директорската функција во УЈП

Елена Петрова нов директор на УЈП, Бобан Николовски на Царинската управа