ВИДЕО: Владата ќе финансира 200 мегавати фотоволтаични електрани

Од:

Владата ќе финансира 200 мегавати фотоволтаични електрани, согласно новата владина мерка за поддршка за поддршка во користењето на сончевата енергија, овозможена со новиот Закон за енергетика.

Мерката денеска на прес-конференција ја презентираа вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши, а нејзина цел е подобрување на условите за инвестирање и јакнење на конкуренцијата во енергетскиот сектор, особено за поттикнување на поголемо производство на електрична енергија од обновливи извори.

Анѓуѓев посочи дека Република Северна Македонија досега, иако е одлична дестинација по однос на сончева радијација, има изградено само 18,4 мегавати инсталирана моќност во фотоволтаици, и затоа, како што рече, е многу важно интензивно да отпочнеме со развивање на оваа дејност, на максимално транспарентен начин, согасно однапред пропишани процедури кој и на кој начин може да гради.

– Идејата е да се изградат 200 мегавати поддржани од Владата, поддршката ќе биде согласно премиум тарифите, тоа значи дека сите инвеститори на фотоволтаични електрани својата електрична енергија ќе ја продаваат на слободниот пазар, а од државата ќе бидат потпомогнати со т.н премиум, што функционира во сите развиени земји во Западна Европа, и тој премиум на крајот на годината ќе биде плаќање, за да овие проекти бидат пофизибилни и поисплатливи за идните инвестирори, рече Анѓушев.

Посочи дека премиумот ќе биде и критериум на тендерот, што ќе биде транспарентен, а аукцијата ќе биде електронска, со негативно наддавање. Тоа, според него, значи дека секој што ќе сака да инвестира во фотоволтаична електрана, ќе има два модела, ќе може да учествува на аукција со претходно задоволени технички минимални критериуми што нема да бидат многу строги, со цел да се отвори поширок фонд на инвестиции.

– Тој што ќе побара помала субвенција, односно премиум од страна на државата, а притоа да ги исполнува техничките карактеристики и критериуми во тендерската постапка, ќе биде добитник на локацијата за која ќе се издава одобрение за градба за фотоволтаична електрана, истакна Анѓушев.

Анѓушев рече дека, имајќи предвид оти најголем проблем на сите инвеститори е како да дојдат до градежна дозвола, односно да ги решат бирократските постапки, од аспект на урбанизација, на трансформација на земјиште, како и приклучок на мрежа, државата ќе ја преземе грижата во овој дел на постапките.

– Првиот модел на кој ќе се прават фотоволтаични електрани е на државно земјиште, за што ќе распишеме транспарентна аукција од 35 мегавати во прва фаза. За таа цел одбравме две локации, едната локација е во Свети Николе. На таа локација ќе имаме парцели на кои може да се изгради една десет мегаватна фотонапонска електрана, една петмегаватна, две четиримегаватни, и шест по еден мегават. Оваа поделба на локации е со цел да има за сите типови инвеститори. На тој начин овде ќе бидат изградени 25 мегавати. Втората локација што ја одреди државата е регионот на Македонски Брод, каде парцелата ќе се подели на две локации од по пет мегавати, појасни Анѓушев.

Рече дека секој понудувач ќе понуди за конкретна парцела, при што критериумите нема да бидат многу строги, ќе се бара компанијата да има само позитивен бонитет, сопствениците и компанијата да немаат кривични дела, и ќе се бара да имаат одреден промет, од 500 евра по инсталиран киловат, што значи дека за еден мегават ќе треба да имаат промет околу 500.000 евра, кумулативно, во три години, а доколку е конзорциум, тоа значи сите компании заедно.

– Државата ќе го додели земјиштето на долгорочен закуп, државата ќе го реши проблемот со урбанизација, и ќе преговара со операторот на дистрибутивната мрежа, при што, приклучокот ќе биде еден за сите парцели, и тоа ќе биде бенефитот, а не секој инвеститор да преговара одделно со операторот на дистрибутивната мрежа, рече тој.

Анѓушев дополни дека ќе се oвозможи и изградба на електрани на приватно земјиште со вкупна инсталирана моќност од 27 мегавати, за помали инвеститори кои планираат електрани од 0-200 киловати, од 200-500 киловати, од 500-1.000 киловати и од 1.000 до 3.000 киловати.

Бектеши нагласи дека е креирана и усвоена Програма за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премии. Со оваа програма се уредува вкупната инсталирана моќност на фотонапонски електроцентрали, која не можа да биде поголема од 100 МW, за кои ќе се доделува премија по спроведена тендерска постапка и склучени договори за користење на премија во 2019 година.

– Износот на средствата потребни за исплата на премиите за произведената и продадената електрична енергија во 2019 година е утврден во Буџетот на Министерстовото за економија и изнесува 30.000.000 денари. Овие средства се наменети за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија како дополнителен износ на цената која ја оствариле со продажбата на произведената енергија на пазарот на електрична енергија. Максималниот референтен износ на фиксна премија за производство на електрична енергија во 2019 година изнесува 15 евра од мегават час за фотонапонски електроцентрали, рече Бектеши.

Најави дека наскоро ќе биде објавен јавниот повик за изградба на фотонапонски електроцентрали со користење на премија на локации за кои веќе е утврден потенцијал за производство на електрична енергија, а воедно ќе бидат доделени и посебни премии на приватни земјишта преку транспарентна и конкурентна процедура.

Со техничка помош од ЕБРД е подготвен првиот драфт на тендерската документација за спроведување на постапката за избор на повластени производители од обновливи извори на енергија кои ќе користат премии.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ е платформа за поврзување на регионот со светот

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

MINT Fintech Group ја поддржа eCommerce конференцијата 2024 како бронзен партнер