Двете главни мерки кои треба да ги преземат рестораните во кои се служи храна се дезинфекција на опремата и површините каде што се подготвува храна и дезинфекција на целиот објект, извести денес Зоран Атанасов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство. Ова се само дел од мерките за кои директорот најави дека Агенцијата ќе подготви посебно известување за јавноста.
„Бидејќи рестораните кои беа затворени не работеа кетеринг и подолг период беа запечатени, ќе ги кажам само главните мерки. Ќе треба да направат повторно чистење и дезинфекција на опремата и површините кои служат за обработка на храна и пред отворањето на рестораните ќе треба да извршат една општа дезинфекција во самиот објект бидејќи подолго време стоел запечатен ,неотворен и не знаеме што се случувало таму“, рече директорот Атанасов.
Во периодот од 27 април до 3 мај Агенцијата направила 154 надзори во повеќе градови во маркети, зелени пазари, месарници и издала 5 казнени едукации за непочитување на правилата за безбедност на храна и 12 решенија за лоша хигиенска состојба. Директорот Атансов извести дека лошите хигиенски услови се најчесто прекршуваното правило.
„Кога зборуваме за добра хигиенска пракса пред сè зборуваме за условите во кои се држат производите и работните површини што ги користат, посебно месарите. Со самата пракса е предвидено на колку време треба да се чистат, да се водат записи, да се врши дезинфекција на самите површини и најчестите отстапувања се во таа смисла. Во секојдневните извештаи од страна на инспекциските служби е констатирано исто така ангажирање луѓе кои немаат завршено соодветни курсеви за безбедност на храна и ангажирање луѓе без санитарни прегледи. Ова не е само поради Ковид-19, тоа е општо поради опасности од другите болести кои може да се пренесат преку храната“, рече директорот Атанасов.
Посебен протокол со безбедносни мерки кои ќе треба да ги почитуваат рестораните за да се спречи можно ширење на коронавирусот треба да биде подготвен и објавен до крајот на оваа недела од Комисијата за заразни болести. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека до крајот на неделава ќе биде соопштено и кога ќе почнат со работа рестораните.