Стартапите се иднината на нашата економија и со заедничка работа ќе ја позиционираме нашата земја како регионален Хаб во нашиот простор и нашиот регион. Затоа Владата со сите засегнати министерства и институции ќе даде реална и конкретна поддршка и ќе преземе мерки и чекори за предлог мерките од хартија да станат функционални со што полесно ќе се креираат политики и стратегии за развој на македонскиот стартап еко систем, порача денеска премиерот Зоран Заев.
-Сите заедно ќе работиме на подобрување на регулативата за развој на иновациската дејност и заеднички ќе се бориме и за подобрување на условите за работа затоа што Ковид-19 пандемијата ни покажа дека мораме да бидеме пофлексибилни, а работењето од дома за многу компании е новото нормално, рече Заев на денешната прес-конференција во Владата.
Како Влада, додаде, нашата должност е да ги подобриме условите за пристап до финансии за што, како што рече, се потребни даночни олеснувања и ослободувања за инвеститорите и стартапите.
-Владата останува партнер на стартап еко системот. Во последните четири години Владата покажа што значи да се биде партнер на македонскиот стартап еко систем. Во портфолиото на ФИТР само во последните три години поддржани се 605 проекти преку кофинансирани грантови со над 85 милиони евра вкупна инвестиција, рече Заев и додаде дека во периодот пред 2017 година беа поддржани само 36 проекти во вредност од околу 1,5 милиони евра.
Нагласи дека заклучно со септември годинава од вкупната инвестиција 56 проценти или 48 милиони евра се средства обезбедени од ФИТР, а 37 милиони евра се сопствена инвестиција на компаниите. Тоа, како што кажа, значи дека програмите на ФИТР поттикна значителен инвестициски циклус од страна на микро, малите и средните претпријатија.
Дури 51 процент од портфолиото на ФИТР се стартап компаниите претежно основани од млади луѓе, што според него охрабрува.
-Зборуваме за 326 поддржани стартап компании во кои инвестиравме 18 милиони евра од кои најголемиот дел успешно работат не само на домашниот пазар, туку и на светскиот пазар. Македонските иноватори секојдневно покажуваат дека со добра идеја и со соодветна поддршка од државата промените се можни, рече Заев и им порача на сите млади да ги искористат можностите кои ги нуди државата и заеднички, како што потенцира, да изградиме нација на иновативни претприемачи.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој претседава со Националниот стартап совет во кој заеднички работат Владата, ФИТР, МАСИТ, Стартап Македонија и други претставници на стартап заедницата, ги презентираше предлог мерките што ги подготви советот во изминатите девет месеци од неговото формирање за забрзан раст на македонскиот стартап еко систем.
-Овој совет го формиравме за да докажеме дека големите промени се можни и реални, а за да се случат потребна е синергија од сите вклучени страни. Затоа преку советот конципираме мерки и преземаме конкретни чекори кои ќе донесат резултат на подолг рок, рече Битиќи.
Тој нагласи дека од декември 2020 година кога е воспоставен Националниот стартап совет над 50 проценти од поддржаните проекти се стартап компании.
-Изготвивме документ со предлог мерки за забрзан раст на македонскиот стартап еко систем кои можат да се распределат во три столба. Првиот е стимулирање на развојот на стартап еко системот, вториот подобрување на условите за работа и третиот подобрување на условите за пристап до финансии. Првиот столб е дефинитивно можен и има уште простор да се развива иако досега направивме квантни скокови. Заеднички утврдивме дека е потребно да се подобри регулативата за развој на иновациската дејност, да се искреираат нови дополнителни инструменти за поддршка на стартапите кои ќе бидат во тек со глобалните трендови, да се формираат центри за развој на стартапите, да се подобрат условите за престој на дигиталните номади или т.н. римот воркерс, како и да се создаде регистар на стартапи во Централниот регистар, појасни Битиќи.
Во пакетот мерки од вториот столб, истакна, планирано е овозможување на регистрација на нов тип на друштво – поедноставено ДОО, олеснување на процесот на ликвидација на стартап компании, зголемување на флексибилноста на условите за работа, и дерегулација на работењето надвор од друштвото или т.н. работа од дома.
-Пристапот до финансии е еден од најважните елементи за развој на секој проект. Во овој дел преку инструментите на ФИТР направивме сериозни исчекори. Над 56 отсто од вкупната вредност на проектите се поддржува од средства од буџетот на ФИТР, а дополнително е овозможена поддршка со поволни кредити и од комерцијалните банки, но и Амазон веб сервиси. Сепак согласни сме дека може и повеќе. Затоа предлагаме олеснување на влез за надворешни инвеститори, даночни олеснувања и ослободување на инвеститорите, даночни олеснувања и ослободување за стартапи, посочи Битиќи.
Истакна дека дигитализацијата, иновациите и технолошкиот развој го движат светот напред и затоа додаде мораме да мислиме како нашите компании да бидат во тек со светските, а стартапите се токму такви компании.
Директорот на ФИТР, Коста Петров посочи дека имаат јасна визија за позиционирање на земјава како регионален стартап хаб и затоа заеднички во Советот со стопанските комори и странските донаторите размислувале што е потребно да се направи за да им се овозможи на македонските стартапи побрз развој, полесен пристап до финансии и полесен влез до глобални пазари.
-За ФИТР 2021 година е година на стартапите. Формиравме Национален стартап совет, за првпат седнавме со водечките банки во земјава и креиравме кредитни пакети за македонските иноватори. Преку нашата програма за корпоративна иновативност за првпат ФИТР заедно со претставниците од приватниот сектор инвестира во развој на стартапите. Преку соработката со Амазон веб сервисите на македонските стартапи им овозможуваме кредити за клауд платформата на Амазон во износ од 10.000, 25.000 и 100.000 американски долари. Ги ревидираме повиците на ФИТР со цел поголем пристап до финансии за стартапите, рече Петров.
Во тек е, посочи, финалната селекција на стартапувај 3 во која ќе ги поддржиме македонските стартапи со два милиони евра, а преку повикот за комерцијализација на иновации со осум милиони евра ќе им помогнеме на домашните стартапи и компании да ги комерцијализираат своите производи и услуги.
-Во моментов ги финализираме и деталите околу првиот државен инвестициски фонд преку кој во македонските стартапи и иновативни компании ќе се инвестираат од 200.000 до 1,5 милиони евра, рече Петров и додаде дека конечно мора да се сменат законите кои не се во тек со глобалните промени.