(ВИДЕО) Николовски: Работиме на изнаоѓање нови пазари за македонските јаболка

Од:

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска присуствуваше на манифестацијата „Преспански јаболкобер“, што се одржа во Ресен. Со откинување на првото јаболко на насадите во „Агроплод“, министерот Николовски и официјално го означи почетокот на годинешната берба на јаболка и на овоштарите им посака бериќет.

Тој истакна дека оваа година од аспект на временските прилики била исклучително лоша за целиот земјоделски сектор, како и дека особено голема штета од временските непогоди, во најголем дел од раните мразеви што го зафатиле овој регион, имало врз производството на јаболка. Затоа, потецира тој, Министерството изминатиов период интензивно работи на забрзување на процесот на исплата на обештетувањата не само за оваа година, туку и за претходната 2016 година.

– Денеска од тука од Ресен, ги информирам овоштарите оти вчера со одлука на Влада, го деблокиравме процесот за исплата на обештетувањата за земјоделците кои претрпеа штети од временските непогоди односно мраз, град и поплави, што се случија во 2016 година. Владата го усвои Акцискиот план за постапување по предметите за настанатите штети од временските непогоди што се случија во 2016 година – процес кој што беше започнат од страна на претходната власт но според одредбите од Законот за заштита и спасување, поради што целиот процес беше заглавен во бирократски процедури, рече министерот Николовски.

Тој посочи дека МЗШВ, согласно одлуката на Владата ќе формира Комисија составена од претстваници од МЗШВ, Министерство за финансии, од Биро за судски вештачења и од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Оваа Комисија, истакна, ќе биде задолжена за прегледување на елаборатите и барањата за штети, за утврдување на конечниот список на лица, висината на штетите кои треба да се надоместат.

Според него, на овој начин се надминати сите законски пречки, кои досега го кочеле процесот за исплата на обештетувањата. Најмногу барања за исплата на обештетувања за 2016 година има пријавено токму во општината Ресен, каде што над 2.300 земјоделци поднеле барања. Исплатата на обештетувањата, потенцира, ќе се врши според Законот за земјоделство и рурален развој.

– Искрено жалам што не успеавме побрзо да ги исплатиме парите за обештетувањата на овоштарите од овој регион, но, слободно можам да кажам дека како ресорно министерство дадовме се од себе, што побрзо да се излезе од законскиот лавиринт кој го создала претходната власт. Следува процес, во кој што ќе се реши и овој горлив проблем, кој најмногу ги засега земјоделците токму од преспанскиот регион, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Најави дека како Влада и Министерство и во периодот што следува ќе го поддржуваат производството на јаболка, затоа што како земја имаме потенцијал за квалитетно производство, како и дека ќе работат на системза изнаоѓање нови пазари за извоз на македонските јаболка.

Пред два дена МЗШВ до Бирото за судски вештачења испратило вкупно 14.360 барања за исплата на обештувања од временските непогоди што се случија во април оваа година, за 34 општини, од кои 1.987 барања се од Ресен.

Министерот Николовски посочи дека дел од ветувањата во Програмата на Владата се исполнети уште во првите три месеци од нашиот мандат. Со цел стабилизирање на пазарот и зголемена поддршка на приходот на земјоделците, рече, со измени на Програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за 2017 година, се обезбедија дополнителни 10 милиони евра, во кои што е вклучено зголемувањето од 10 отсто на постоечката поддршка по хектар за овошни насади, со која што ќе бидат опфатени 15.000 овоштари.

Со зголемувањето на субвенцијата по хектар за 10 отсто, постоечката субвенција од 30.000 денари по хектар, сега ќе изнесува 33.000 денари.
За три месеци се исплатија над 84 милиони денари за субвенции за овошен насад и 40,3 милиони денари за субвенции за предадени јаболка во преработувачки капацитети, токму за земјоделците од Ресен.

Според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, досега се откупени вкупно 216.610 килограми конзумни јаболка и 1.329.800 килограми индустриски јаболка. Откупната цена на јаболката од прва класа се движи од 18-25 денари за килограм, а индустриското јаболко се откупува по 5 денари за килограм.

Би можело да ве интересира

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

Орце Костов

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници

Николовски: 2024-та ќе биде година на нови предизвици, продолжуваме со силна реформска земјоделска политика

Николовски од Делчево: Ги повикувам сите земјоделци навремно да аплицираат, остварувајќи го правото на дополнителите директни плаќања за полјоделски култури, градинарски култури, овошни и лозови насади

Николовски: Ја носиме Европа дома, за просперитет на секој земјоделец, за пласман на домашните производи на европскиот пазар