Вицегувернерката Митреска на „Ист жур фиксе“: Македонската економија ја минува ковид-кризата со посилни фундаменти во споредба со глобалната финансиска криза од 2008 година

Од:

Вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска учествуваше на 86. издание на „Ист жур фиксе“ – настан во организација на Централната банка на Австрија, којшто оваа година, заради околностите со пандемијата се одржа во виртуелен формат. На настанот, фокусот секогаш е ставен на актуелни теми и прашања за централнобанкарската заедница, а годинешното издание беше на тема „Сѐ за ковид-19 – геополитички, економски и макрофинансиски перспективи на земјите од Западен Балкан”.

Како говорник на втората сесија на којашто се дискутираше за последиците од ковид-19 врз макрофинансиската стабилност, вицегувернерката Митреска даде осврт на случајот на македонската економија. Притоа, во рамки на своето излагање, таа укажа на посилните фундаменти и помалите ранливости со кои македонската економија ја минува ковид-кризата, споредено со периодот на глобалната финансиска криза од 2008 година. Според неа, тоа е видливо преку повеќе сегменти, вклучително и преку посилната надворешна позиција на економијата, повисокото ниво на девизните резерви, како и преку отпорноста на банкарскиот систем.

Во своето излагање, вицегувернерката стави акцент и на каналите преку кои ковид-кризата се пренесува во домашната економија, укажувајќи на каналот на доверба и очекувања како битен фактор за намалувањето на потрошувачката и инвестициите. Понатаму, таа се осврна на каналот на трговските врски и намалената надворешна побарувачка, како фактори коишто имаат неповолен ефект врз извозот, а во услови на вклученост на економијата во глобалните производствени синџири.

„Сепак, податоците покажуваат дека овие ефекти се краткотрајни и во услови на отворање на економиите, тие постепено се исцрпуваат. Всушност, структурата на економијата и на извозната база, во коишто доминираат стоките, а не услугите, претставува компаративна предност во овој период, што може да овозможи побрзо закрепнување на кус рок во однос на некои други економии“, посочи Митреска.

Посебен акцент стави и на дознаките, коишто со оглед на специфичноста на кризата бележат намалување.

Во однос на монетарната политика и регулаторните промени, вицегувернерката посочи дека од почетокот на ковид-кризата, Народната банка ги релаксира монетарните услови. Намалувањето на основната каматна стапка, обезбедувањето дополнителна ликвидност, реактивирањето на неконвенционалната мерка на задолжителната резерва, но и овозможувањето на регулаторна флексибилност со цел намалување на финансискиот товар за компаниите и граѓаните се дел од преземените мерки, коишто Митреска и ги посочи во дискусијата на настанот.

„Целиот овој пакет на мерки овозможи релаксирање на финансиските услови и олеснување на пристапот до финансирање, со што се ублажува ефектот од ковид-кризата врз домашната економија.” – истакна вицегувернерката.

На крајот на излагањето, таа ја нагласи и исклучително високата неизвесност присутна кај економиите, со оглед на здравствениот карактер на кризата, како и потребата од внимателно следење на сите текови.

Учеството на овој значаен меѓународен настан, вицегувернерката Митреска го искористи и за одделни дискусии со свои колеги од регионот и Европа, коишто во најголем дел беа фокусирани на размена на искуства од досегашното справување со ковид-кризата.

Би можело да ве интересира

Гувернерката ги прими стипендистите од ЕФА: Народната банка дава поддршка за развој на младите

Народната банка потпиша меморандум со Клубот Алпбах за унапредување на финансиската писменост

Годишен раст на зелените кредити од 26 отсто во првиот квартал од 2024 година

Народна банка предупредува за измами: Не давајте лични податоци на лица кои лажно се претставуваат

НБ: Основната каматна стапка останува 6,30%, економскиот раст и инфлацијата во рамки на очекуваното

Викторија Глигорова од Народната банка: Банкарскиот систем во нашата земја и натаму е сидро на стабилноста

A1on