Утре истекува рокот до кога граѓаните може да поднесат Годишна даночна пријава за остварени дополнителни приходи во текот на 2016 година. Во Управата за јавни приходи очекуваат да бидат поднесени околу 420.000 пријави, а од нив по електронски пат околу 2.000.
Мухедин Авдиќ раководител на секторот за услуги во УЈП информира дека заклучно со вчерашниот ден се поднесени 362.523 годишни даночни пријави и дека денеска и утре се очекуваат да бидат поднесат уште 40.000 до 50.000 пријави.
Најмногу пријави се доставени во Скопје 144.066, Штип 62.786, Прилеп 49.085, Битола 45.701, Струмица 32.868 и во Тетово 27.345 годишни даночни пријави.
– Сите физички лица, резиденти во Република Македонија, кои во текот на 2016 година оствариле приходи по разни основи имаат обврска да поднесат Годишна даночна пријава до 15 март 2017 година. Тоа значи дека остануваат уште два дена за поднесување ГДП и УЈП ги повикува сите даночни обврзници да поднесат ГДП, односно да ги исполнат своите обврска во законски предвидениот рок, истакна тој.
За да излезат во пресрет на граѓаните и да не се создаваат турканици пред шалтерите, Авдиќ информира дека утре шалтерите на УЈП ќе работат за прием на ГДП до 20 часот. УЈП за поднесување на ГДП отвори и дополнителна канцеларија сместена во зградата на ССМ, а ГДП во Скоје може да се поднесе и во општина Чаир и Регионална дирекција – Скопје. Во Регионалната дирекција – Скопје, пак, може да поднесат ГДП и даночни обврзници кои привремено престојуваат во Скопје.
Тој најави дека УЈП работи на нов проект, кој ќе значи дека нема да треба даночните обврзници да поднесуваат ГДП, туку дека ќе доставува за потврдување или корекција пред пополнета пријава врз основа на добиените податоци од исплаќачите на приходи во текот на годината.