Контролата на остварувањето на обврската за впишување на податоците во електронскиот дневник да се остварува на неделна основа, а не на дневна, и намалување на санкциите за неводење на електронски дневник предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за просветен инспекторат, што ги усвои Владата на минатата седница.
Портпаролот на Владата Александар Ѓоргиев на дененашната прес-конференција информира дека измените кои што се утврдени со Предлог-законот се резултат на социјалниот дијалог помеѓу Владата на Република Македонија, Министерството за образование и наука и Синдикатот на просветните работници, а се на предлог на Синдикатот.
Со претходните законски решенија наставничкиот кадар во основните и средните училишта имаше обврска за водење на електронскиот дневник на дневна основа, а исто така и контролата за остварување на оваа обврска беше предвидена на секојдневна основа.
Во однос на законските санкции пак, Ѓоргиев појасни дека тие досега се изрекуваа по различни основи за наставникот и изнесуваа околу 1.000 евра за невнесување на податок на дневна основа. Со новите измени оваа законска санкција е дефинирана во еден член и изнесува 300 евра и тоа за непотполнување на податоци за една недела.
– Ова е значително унапредување на стандардите во врска со работата на наставничкиот кадар, а на овој начин ќе се придонесе и за поефикасно работење на дневникот и за подобрување на условите за наставникот за организирање на наставата што ќе придонесе и за порелаксирани услови за работа, рече Ѓоргиев.
Според него со ваквите измени се спречува волонтиризмот на субјектите и се очекува поефикасно искористување на системот, а воедно ќе се овозможи и оптимално функционирање на системот за известување на родителите по електронски пат за сите податоци во врска со оценките, поведението, присуството на часови и активноста на нивното дете.