Уште осум дена младите земјоделци може да аплицираат за државна поддршка

Од:

На 10 март завршува јавниот повик за мерката 113 „Поддршка за поттикнување на земјоделското производство“, наменета за младите земјоделци.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски преку својот фејсбук профил ги повика сите млади земјоделци да го запазат рокот и да поднесат барања за неповратна финансиска поддршка.

-Секој млад земјоделец од 18 до 40 години што ќе ги исполни пропишаните критериуми во мерката, ќе добие неповратна финансиска поддршка до 20.000 евра, наведува Димковски.

Оваа година финансиската поддршка е зголемена од 10.000 на 20.000 евра, а младите земјоделци ќе може да ја искористат за зголемување на одржливоста на земјоделската дејност на нивните семејни стопанства. Поддршката е наменета за млади, невработени лица кои сакаат да инвестираат во изградба, доградба и опремување објекти за преработка од сите земјоделски гранки.

Условот за користење на финансиската поддршката е, корисниците да бидат запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства, носителот на земјоделското стопанство да нема повеќе од 40 години на денот на поднесување на барањето за поддршка и да не користел помош од мерката 112 Млади земјоделци. Според Министерството за земјоделство, со ваквиот критериум им се овозможува на сите оние кои не добиле финансиска помош од оваа мерка по претходниот повик, да можат сега да поднесат барања.

За сите информации околу потребната документација и начинот на поднесување на барањата, заинтересираните лица можат да се обратат во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Барателите на поддршката треба да креираат електронско барање со податоци за локацијата на инвестицијата и електронски да ги прикачат понудата, деловниот план за предлог инвестицијата и истите на крај да ги испратат по пошта или да ги донесат лично во Агенцијата. Барањата и целата документација може да се најдат на веб страницата на Агенцијата.

Еден апликант може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две барања по различни мерки, земајќи ги предвид и останатите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој 2020.

Би можело да ве интересира

Лефков: Владата го зголеми Буџетот за земјоделство, фокус модернизацијата и наводнувањето

СДСМ: ДПМНЕ ги заглави субвенциите а се фали со мерките на СДСМ за јачменот, пченицата, грозјето

Земјоделците од штипските села се жалат дека немаат вода за наводнување на културите

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

A1on

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници