На 15 дена дена пред истекот на рокот за поднесување даночни пријави до УЈП по електронски пат, 1440 фирми не презеле никакви чекори, односно воопшто се немаат регистрирано на системот е-Даноци (https://etax-fl.ujp.gov.mk), соопшти Управата за јавни приходи.
Согласно измените на Законот за даночна постапка донесени во јули годинава, се предвидува сите месечни ДДВ обврзници, почнувајќи од 1 јануари 2013 година, своите ДДВ-пријави и даночни биланси за данокот на добивка задолжително да ги поднесуваат до УЈП по електронски пат преку системот е-Даноци.
Постапката за регистрација за електронско поднесување на даночни пријави е едноставна и трае 10 минути. За да можат фирмите да се регистрираат и да ги користат електронските даночни услуги, треба да поседуваат Интернет, е-Пошта, како и Дигитален сертификат на УСБ токен кој е издаден од некоја од овластените куќи: Македонски Телеком или КИБС.
Доколку фирмите навремено не се прилагодат на новините за електронско пријавување на данок, постои ризик да не можат да го користат системот е-Даноци, а со тоа и да не бидат во состојба навремено да поднесат даночна пријава и да пријават данок од 1 јануари. УЈП потсетува дека законот предвидува високи казни – за неподнесување, односно ненавременото поднесување на даночна пријава во законски предвидениот рок предвидена е глоба која достигнува до 3500 евра во денарска противредност.