Управата за јавни приходи објави дека во согласност со измените и дополнувањата на Законот за регистрирање на готовинските плаќања, предвидени се олеснувања на казнената политика во делот на фискализацијата. Кога УЈП ќе изрече глоба за непоседување фискален апарат, на даночниот обврзник му се овозможува да продолжи со работа пред истекот на времената забрана за вршење дејност, доколку набави фискален апарат и ако претходно поднесе барање до УЈП со прилог доказ за набавен фискален апарат и платена глоба.
Кога УЈП ќе изрече забрана за вршење дејност во деловната просторија (објект) поради неиздавање фискални сметки за извршениот промет или извршената услуга – на даночниот обврзник му се овозможува да продолжи со работа пред истекот на времената забрана за вршење на дејност ако ја плати глобата. Ако обврзникот ја плати глобата за време на траење на изречената забрана за вршење на дејност, треба да поднесе барање до УЈП и да приложи доказ за платена глоба. Во тој случај, УЈП ќе го отпечати деловниот простор и ќе му дозволи на обврзникот да продолжи со вршење на дејност.
Од УЈП апелираат даночните обврзници кои вршат промет на добра и услуги за кои плаќањето се врши во готово, задолжително да им издаваат фискални сметки на потрошувачите, во согласност со Законот за регистрирање на готовинскиот промет, со цел избегнување казни. УЈП објави дека спроведува засилен мониторинг на готовинскиот промет на терен во делот на фискализацијата.
В. М.