Фирмите кои во изминатата 2012 година извршиле исплата на приходи на физички лица/граѓани имаат обврска, најдоцна до 15. февруари годинава, да поднесат Годишен извештај за исплатените приходи до даночните канцеларии на УЈП или по електронски пат преку системот е-Даноциhttps://etax-fl.ujp.gov.mk .
Како што соопшти Управата за јавни приходи, во Годишниот извештај (образец „ПДД-ГИ“), фирмите ги пријавуваат бруто-приходите на обврзниците, платениот персонален данок на доход и придонесите, како и вкупно исплатените нето-приходи во изминатата година по основ на: лични примања, авторски права и права од индустриска сопственост, капитал, имот и имотни права (закупнини), добивките од игри на среќа и други наградни игри и други приходи за кои аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка. Образецот може да се преземе преку веб страницата на УЈП http://ujp.gov.mk/mk/obrasci/
Фирмите кои вршеле исплати по горенаведените основи, на граѓанинот задолжително треба да му издадат збирна пресметка за исплатените приходи, платениот персонален данок и придонеси во 2012 година.
– Издавањето на збирна пресметка е законска обврска на фирмата како исплатувач на приходот, врз основа на која граѓанинот, како обврзник на персонален данок на доход, ќе може точно и навремено да ги пријави приходите во Годишната даночна пријава, стои во соопштението на УЈП.
Доколку до 15 февруари, фирмите не поднесат Годишен извештај („ПДД-ГИ“), како и на граѓанинот не му издадат збирна пресметка за 2012 година, законот предвидува глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противредност, а за направениот прекршок на одговорното лице на фирмата, ќе му биде изречена глоба во износ од 750 евра во денарска противвредност, се наведува во соопштението од УЈП.