Турција го реорганизира рударството за да ја намали зависноста од увоз, Македонија не го активира ниту потенцијалот на Иловица

Од:

Турција подготвува нова стратегија за критичните минерали со која треба да го зголеми домашниот ископ и да ги намали ризиците во снабдувањето со суровини неопходни за стратешките индустрии.

Планираното државно тело ќе обедини повеќе институции и ќе има задача да проценува кои минерали се од стратешко значење, но и какви се нивните еколошки и социјални ефекти. Со тоа Анкара настојува да ги поврзе економските и безбедносните интереси со контролирано и одговорно искористување на природните ресурси.

Во меѓувреме, и другите земји од регионот го засилуваат интересот за рударството. Грција веќе поддржува нови инвестиции со средства од Европската Унија, додека Македонија повеќе од четири децении нема реализирано нов металичен рудник.

Во земјата постои само една актуелна инвестиција поврзана со критичен минерал – проектот „Иловица-Штука“ за експлоатација на бакар. Но, и овој проект е во застој, иако бакарот станува сè позначаен за енергетиката, технологијата и индустријата.

Според „И здравје и работа“, ваквата состојба бара сериозно преиспитување на пристапот кон рударскиот сектор, особено во услови кога соседните и европските земји го зголемуваат фокусот врз сопствените минерални ресурси.

„Македонија има минерални ресурси, има стручни кадри и има заинтересирани инвеститори. Она што недостига е навремено институционално дејствување и создавање услови инвестициите да се реализираат во согласност со законите и највисоките стандарди за заштита на животната средина. Постојните капацитети постепено се соочуваат со исцрпување на ресурсите, а во исто време, глобалната побарувачка за бакар расте. Цената на овој метал надмина 14.000 долари за тон, што дополнително ја зголемува стратешката и економската вредност на домашните ресурси. Во такви услови, проектот за рудникот за бакар „Иловица–Штука“ претставува една од најзначајните инвестициски можности за македонската економија“, се истакнува во соопштението.

Според иницијативата, Македонија не смее да ги пропушта инвестициите во момент кога светот се соочува со зголемена побарувачка за бакар и други критични минерали и „доколку проектите ги исполнуваат сите законски, технички и еколошки услови, државата има обврска да создаде услови тие да се реализираат“.

Сепак, додека Македонија се уште не фаќа тек во глобалната трка, Извештајот за критични и стратешки минерали на Турција создаде листа од 37 минерали. На листата на критични минерали со највисок приоритет беа поставени вкупно осум – бакарот, литиумот, среброто, титаниумот, железото, манганот, цинкот и алуминиумот. Според Саит Ујсал, основач на Иницијативата за критични минерали на Турција, воените конфликти, зелената транзиција и модернизацијата на електропреносната мрежа, ја зголемуваат на светско ниво побарувачката на критичните суровини. Тој го посочи бакарот како најкритичен, бидејќи за него брзо се исцрпуваат и резервите.

„Недостатокот на снабдување со некои минерали се чини неизбежен, како што се ретките елементи кои се користат во моторите на електричните возила и ветерните турбини, но и бакарот, чија побарувачка брзо се зголемува поради процесот на електрификација, а од друга страна потребни се во просек 17 години за нов рудник за бакар да се реализира од откривање до производство“, изјави Ујсал за агенцијата „Анадолија“.
Поради честите трговски бариери и „ресурсен национализам“ голем број на држави веќе склопуваат билатерални договори за заеднички напори за ископ на руди и снабдување. Турција, која поседува огромен руден потенцијал, последно најави соработка во областа на критичните минерали со Австрија. Ова го истакна турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на средбата во Анкара со австрискиот канцелар Кристијан Штокер.

„Веруваме дека ќе ја достигнеме нашата цел за трговска размена од пет милијарди долари оваа година, со оглед на постигнатите 4,5 милијарди долари во 2025 година. Над 1.000 австриски компании работат во нашата земја. Директните австриски инвестиции надминаа 11 милијарди долари. Инвестициите на Турција во Австрија се приближуваат до 1 милијарда долари. Сите овие бројки се најјасен показател за потенцијалот меѓу нас. Имаме значаен потенцијал за соработка со Австрија во областите на зелена енергија, критични минерали, висока технологија, транспорт и одбранбена индустрија“, изјави турскиот претседател Ердоган.

Турските власти претходно најваија дека се стремат да бидат и еден од петте најголеми производители во светот на ретки елементи.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Ердоган: Не сакаме војна со Израел, но ако нè нападнат – ќе возвратиме

Европа го забрзува рударството со строги еколошки правила – што значи тоа за македонското рударство?

Светските сили се тркаат по бакар, Македонија сè уште го остава својот ресурс неискористен

Сè помалку рудари, сè повеќе плата – но без инвестиции нема кој да ги пополни новите работни места

Недостигот од критични минерали го активира државниот капитал на Запад, Иловица и понатаму чека

Катерина Ѓуровски

Од 1973 година се истражува бакарот во Иловица – Европа сега бара единствена база на критични минерали