Компанијата „Нова логистик“ манипулира со транспортерите и ги подбуцнува да бараат исплата на долгови од компанија која не им должи , велат вработени во „Фени“, револтирани од заканите на транспортерите дека од понеделник ќе го блокираат влезот во фабриката, една лента на патот Градско-Прилеп, а ако треба и железничката пруга кај Росоман.
Нивната цел е да не дозволат швајцарската компанија ГСОЛ, закупец на комбинатот, да почне со набавка на руда додека не им ги исплати долговите направени од претходниот сопственик, „Кунико рисорсис“. Долгот изнесува околу 4 милиони евра кои „Фени“ ги должи на фирмата „Нова логистик“ која го организирала транспортот на рудата за комбинатот и ги ангажирала транспортерите кои сега излегуваат на блокади.
Исплатата на долговите е обврска на сопственикот на фабриката кој ќе се бара низ нејзина реорганизација предвидена со стечајната постапка, што е во тек во судот во Велес, а закупецот доби обврска додека трае стечајната постапка, да го рестартира производството, да ги преземе трошоците за работа на фабриката и за исплата на платите на вработените оти со секој нов ден неработење на фабриката, растат долговите. И покрај ваквите решенија, транспортерите излегоа на блокада на патот Градско – Прилеп и бараа долговите да им бидат исплатени пред да почне производството во фабриката оти биле без пари.
По два дена блокада, транспортерите на средба со вицепремиерот Кочо Анѓушев, претставници на ГСОЛ и на „Нова логистик“, неделава, постигнаа договор, ГСОЛ да купи опрема и имот од „Нова логистик“, а парите што ќе ги уплати да бидат искористени за „Нова логистик“ да почне да ги обесштетува транспортерите. По само неколку часа од постигнувањето на договорот, „Нова логистик“ се предомисли и го отфрли.
„На одржаниот состанок во Владата, „Нова Логистик“ иако тврдеше дека веднаш би ја продала опремата за „Петрол кокс“ и рудата која се наоѓа во пристаништето во Солун потребна за работа на „Фени“, како би можело веднаш да се обесштетат транспортерите, тоа не се случи. „Нова Логистик“, застапувана од адвокатот Бранко Колев, кој бил застапник и на интересите на групацијата „Кунико“, едноставно ден потоа јасно истакна дека се повлекува од постигнатиот договорот во Владата, кој беше во интерес за што побрзо да се исплатат транспортерите.
Една од причините за откажување на „Нова Логистик“ од договорот, е поради тоа што се истакнува дека опремата за „Петрол кокс“ не е во нејзина сопственост, туку е транспортирана од „Фени“ во доцните вечерни часови без било какви одобренија и согласности, токму во моментите кога фабриката е пред отворање стечајна постапка.
Во време на попишувањето од страна на извршителот, опремата за „Петрол кокс“ се наоѓа на приватен плац во Кавадарци, на фирмата „НТ Експрес“, чиј што сопственик е Сашко Јовков, близок соработник на поранешниот директор на „Фени“ од групацијата „Кунико“ – кој е моментално во бегство и за кој надлежните институции имаат покренато повеќе кривични постапки“, велат за „Макфакс“, извори од фабриката.
Тие се сомневаат дека „Нова логистик“ повторно ќе се обиде да ја продаде рудата на „Кунико“ преку компанијата „Феро Никели“ од Косово. Вработените уште еднаш потсетија дека „Нова логистик“ има побарувања во висина од околу пет милиони евра од триесетина други фирми, а еден од најголемите доверители е фирмата „Ролис“, која пак се доведува во врска со семејството на поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков.
„Рудата што „Нова Логистик“ ја транспортирале за „Фени“, е набавена од фирмата „Ролис“ и според податоците, „Ролис“ е исто така голем должник на „Нова Логостик“ или поточно должи 1.5 милион евра. Реализацијата на долгот на „Ролис“ кон „Нова Логистик“, од 1.5 милиони евра би помогнала во решавањето на ситуацијата со обесштетување на транспортерите.
Според официјалните податоци, сопственик на фирмата „Ролис“ е Горан Митев од Кавадарци. Податоците од Централниот регистар сепак покажуваат дека Митев е сопственик, косопственик и управител на уште неколку фирми. Една од нив е фирмата „Селекта“.
Фирмата „Селекта“, пак, е косопственик во фирмата „АЛМИАН“ ДОО, во која косопственици се и Иван Чавков, Зорица Чавкова, како и Томе Закирски и Горан Митев, велат вработени во должничко – доверителските односи на фирмата „Нова логистик“.
Од „Нова логистик“ нема коментар на случувањата. На телефонските броеви на фирмата никој не одговара.
Транспортерите, пак, велат дека нема да отстапат од планот в понеделник да го блокираат патот, влезот на фабриката, а не ја исклучуваат можноста за блокада и на железничката пруга за да се спречи секава можност за набавка на руда.
(М.И.П.)