Американскиот претседател Доналд Трамп денеска се сретна со јапонскиот цар Акихито во Токио, а на средбата присуствуваа и сопругите на двајцата државници.
По состанокот, на кој не беше дозволено присуство на медиумите, Трамп имаше средба и со јапонскиот премиер Шиндзо Абе.
Американскиот претседател во Токио се сретна и со бизнисмени од двете земји при што на јапонските бизнимени, кои ги нарече „рок ѕвезди на бизнисот“, им вети дека ќе го олесни одобрувањето на проекти и изјави дека сака САД да ги претвори во најпривлечното место за инвестиции.
Трамп вети дека САД и Јапонија ќе имаат поголеми трговски односи од очекуваните во Транспацифичкото партнерство, од кое САД се повлекоа пред неговиот мандат.
Тој исто така го покрена и прашањето за големиот трговски дефицит на САД со Јапонија и изрази надеж дека тоа ќе се промени. При тоа Трамп истакна дека преговорите ќе се водат на многу пријателски начин.
– Во САД се продаваат милиони јапонски автомобили, но во Јапонија практично не се продаваат никакви американски автомобили, изјави Трамп и додаде дека на Американците им се допаѓаат јапонските автомобили и ги покани јапонските фирми да ги произведуваат во САД.