Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, денеска од Дојран ги повика сите производители на земјоделски производи и традиционални специјалитети, да ги заштитат своите производи со „Ознака за потекло“, „Географска ознака“ и „Ознака за гарантиран традиционален специјалитет”.
– Југоисточниот дел на нашата држава, изобилува со самоникнати диви смокви, посебно на подрачјето на општините Богданци, Гевгелија, Дојран и Валандово. Од дивите смокви, во овој крај традиционално се произведува познатото слатко од диви смокви. Сепак, слаткото од диви смокви се произведува само за домашна употреба. За да може овој вкусен традиционален производ да се пушти во слободна продажба на пазарите и да прерасне во бренд специфичен за овие простори, потребно е да се заштити со Ознака за гарантиран традиционален специјалитет, наведуваат од Министерството.
МЗШВ неодамна го објави јавниот повик наменет за финансиска поддршка за изработка на елаборати и спецификации на регистрација за заштита на називот на земјоделските и прехранбените производи со „Ознака за потекло“, „Географска ознака“ и „Ознака за гарантиран традиционален специјалитет”.