Хрватска до сега успеала да искористи скандалозно малку пари од структурните фондови на ЕУ од претходната повеќегодишна финансиска рамка која го опфаќа периодот од 2007 до 2013 година, иако за тоа можат да се најдат одредени причини.
Унијата загрижена
Последните пресметки на Европската комисија за апсорпција на структурните фондови за тој период (изразено во исплати) покажуваат дека Хрватска успеала да искористи само 21, 7 отсто додека Романија која е најслаба меѓу членките на ЕУ, наспроти постојаните предупредувања во изминатите неколку години, недоволно се подготвила за користење на тие фондови. Просекот на искористеноста на ниво на ЕУ е три пати поголем од Хрватска, т.е. над 67 отсто. Бидејќи се работи за повеќегодишен период и за успехот и за неуспехот во привлекувањето на средства од овие фондови, одговорни се и сегашната и претходната влада. Сепак, во ЕК предупредуваат дека Хрватска не може да се спореди со другите држави членки бидејќи во случајот на Хрватска во таа повеќегодишна перспектива биле споени некои програми од претпристапните фондови со новите структурни фондови, кои се достапни само за втората половина на 2013 година. Без оглед на тоа и во ЕУ велат дека Хрватска треба да ги зголеми напорите за да ги зголеми своите капацитети за искористеноста на достапните фондови.
Заверени трошоци
По приклучувањето на Хрватска на ЕУ, оперативните програми од претпристапните фондови ИПА се проширени и временски продолжени, за да го покријат цел период од 2007 до 2013 година, вклучувајќи ги и новите фондови.
Поради тоа од први август 2013 година достапните фондови од претпристапните програми се сметаат за составен дел од структурните фондови. Значи, според пресметката на ЕК, вкупно на Хрватска на располагање од програмата за кохезиска политика од 2007 до 2013 година се ставени 815 милиони евра од кои половината т.е. 449,4 милиони евра се однесуваат на периодот по членството во ЕУ. Нивото на искористеност на фондовите за оперативните програми за околината, транспортот и регионалната конкурентност е само 20 отсто, ако се пресмета и каматата од 25 отсто.
Во ЕК очекуваат Хрватска значајно да го зголеми процентот на искористеноста на фондовите по исплатата на заверените трошоци и плаќањето на каматата, откако Комисијата прифатила и дала акредитација за усогласеност на системите за управување и надзор на програмите за тој период. Во следниот период од 2014 фо 2020 година, на Хрватска од структурните и финансиските фондови на ЕУ на располагање и се 10,423 милијарди евра. Од тие 8,397 се наменети за инвестиции во растот и работни места. За руралниот развој и земјоделието во тој повеќегодишен период наменети се 2,026 милијарди евра. За поморство и рибарство расположливи се дополнителни 280 милиони евра, за Иницијативата за вработување на млади наменети се 456,147 милиони евра.
Најголеми средства
Хрватска мора да извлече поука и од досегашното сопствено искуство, но и од искуството на другите, за да успее да искористи што повеќе пари од идната 7 годишна финансиска рамка на ЕУ, бидејќи на располагање ќе има вкупно над 12 милијарди евра.
Меѓу основните причини на толку слабата искористеност на структурните фондови до сега, е доцнењето во добивање на акредитација за системот на управување и надзор која стигна пред 10 дена. Без тоа не беше можно да се уплати ни едно евро од средствата наменети за втората половина на 2013 година, а токму тие средства се најголеми.
Хрватски проблеми
Во меѓувреме, Хрватска имаше и проблем со неликвидност, поради што се доцнеше и со тендерите бидејќи проектите финансирани од ЕУ фондовите мора да се суфинансираат и со сопствени пари.
Хрватска ќе има нешто повеќе од две години рок за користење на пари од претходната повеќегодишна рамка, така процентот сигурно ќе се зголеми.
Меѓутоа, бидејќи тој процент речиси сигурно ќе се зголеми и за другите држави членки, веќе сега може да се претпостави дека на крај дебело ќе заостанува зад многу држави членки на ЕУ. Естонија и Португалија во истиот период веќе искористија над 80 отсто од достапните фондови.
Јутарњи лист – Загреб