ТИРЗ се претстави на петнаесеттиот конгрес на автомобилската индустрија во организација на престижниот германски магазин „Аутомобилвохе“ на кој се среќаваат водечките луѓе од автомобилската бранша. На конгресот во Лудвигсбург, ТИРЗ го презентира новиот концепт за поттикнување на инвестиции и можностите за инвестирање во Северна Македонија.
На штандот на ТИРЗ посетителите изразија посебен интерес за новиот пристап на индивидуализиран пакет за учество на државата во инвестицијата кој се базира на анализа на 10 годишни инвестициски планови, но и за новиот Стратешки зелен инвестициски фонд кој треба да поттикне забрзан раст и дигитална трансформација.
На дводневниот настан, кој се одржувана 09 и 10 ноември, посветен на рестартот на автомобилската индустрија по пандемијата, учествуваат водечките компании за производство на автомобили и автомобилски компоненти претставувани од првите луѓе, меѓу кои и Лука Де Мео новиот шеф на „Рено“, Мате Римац од Римац аутомобили кој неодамна го презема и „Бугати“, првиот човек на „БМВ“, Манфред Шох, како и Оливер Блуме од „Порше“.
На конгресот се презентирани и мерките кои компаниите ги презеле за рестартирање на производството по кризната пандемиска година, како и очекувањата и производствените планови кои следат. Сите се согласни дека иднината е во електро-автомобилите како и дека е потребна релокација на производството поблиску до Европа со цел во иднина да се избегнат ситуации како актуелната во која голем дел од производството на автомобили е успорено поради недостаток на чипови од Азија. Балканскиот регион има особено предност како една од преферираните дестинации за идни инвестиции.