До крајот на годината само неколку клика ќе ги делат граѓаните од сите информации во буџетот и сите исплати од трезорот. Паралелно во Министерството за финансии се подготвуваат платформата „Отворено финансирање“ и апликацијата за граѓански буџет.
Ова го најави министерот за финансии Драган Тевдовски денеска обраќајќи се на Меѓународен бизнис самит на тема „Водење бизнис и податоци“ што се одржува во Скопје.
– Во Министерството за финансии, ние ја препознаваме важноста на податоците. Затоа работиме на нова платформа базирана на интернет наречена „Отворено финансирање“, која ќе им овозможи на нашите граѓани да имаат увид во сите расходи на Владата во реално време. Очекуваме таа платформа да стапи во функција до крајот на оваа година, истакна Тевдовски и додаде дека веќе два тима избрани на финансискиот Фин Хакатон работат на проект за да ги здружат тие информации и податоци на интерактивна веб-страница со цел да помогнат да се објасни како се трошат јавните пари.
Тој потенцира дека денес ги користиме податоците како никогаш порано за да донесуваме подобри одлуки, да анализираме сè: почнувајќи од тоа колку нешто чини за нашите домови, до тоа како ја градиме националната инфраструктура која ќе ги задоволи потребите на иднината.
– Живееме во свет кој многу брзо се менува и за кои требаат податоци за да го разбереме. На пример, Фејсбук е најголема медиумска куќа, а нема произведено ниту една вест. Аирбнб е најголема хотелска компанија, а нема ниту една соба во сопственост. Најголемото такси компанија не поседува ниту едно такси возило. Клучно е да се имаат навремено податоци, потенцира министерот за финансии.
Според него, податоците се главен ресурс на најголемите компании во светот, а владите мораат да ги употребуваат податоците за да ги развијат економиите.
Тој порача дека со подобри податоци доаѓаме до уште еден важен аспект на нашето општество: транспарентност.
– А тоа, за возврат, води кон одговорност. Тоа ни овозможува да донесеме одлуки базирани на подобро разработени информации за тоа како да ги користиме јавните пари со цел најголема корист за нашите граѓани, рече Тевдовски.