ТАВ преговара со Еуровингс за летови до Минхен и Дизелдорф

Од:

ТАВ Македонија преговара со германската нискобуџетна авиокомпанија Еуровингс, која е дел од групацијата Луфтханза, за воведување авиолинии Скопје-Минхен и Скопје-Дизелдорф, информираат од аеродромскиот оператор.

Оттаму нагласуваат дека по првичните преговори, деновиве претставник на Еуровингс во Скопје остварил средби со менаџментот на ТАВ Македонија и претставниците на маркетинг-одделот на ТАВ Аеродроми од Истанбул, како и со надлежните владини институции и туристичките агенции од земјава.

Еуровингс со седиште во Дизелдорф е дел од групацијата Луфтханза и се смета за нискобуџетна авиокомпанија. Лета до повеќе од 140 дестинации во над 40 земји во Европа, а позната е по добрата мрежа на рути до атрактивни туристички локации за одморање. Лета во повеќе земји од регионот, како Албанија, Бугарија, Хрватска, Србија, Косово, Црна Гора, Србија, Турција.

– Преговорите со Еуровингс се дел од нашите маркетинг активности кои постојано ги спроведуваме, со цел проширување на мрежата на линии од двата македонски аеродрома. Моментално со германскиот авиопревозник разговараме за линии до главниот аеродром во Минхен и до Дизелдорф. Доколку преговорите завршат успешно, македонските граѓани не само што ќе добијат дополнителни воздушни врски до овие градови во Германија, туку и нови конекции во рамки на Европа, како и интерконтинентални конекции за летање благодарение на код-шер договорот меѓу компанијата мајка-Луфтханза и компанијата ќерка – Еуровингс, вели Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Според него, ТАВ Аеродроми постојано презема слични активности, одржува состаноци и преговара со авиокомпании и тур-оператори, меѓу кои и посета на полски и француски тур-оператори на Македонија и на Охрид, минатата година, што резултира со конкретен договор и од оваа летна сезона најголемиот полски тур-оператор ќе почне со летови од Варшава и од Катовице до Охрид.

Во 2016 година ТАВ во Македонија го донесе најголемиот европски тур-оператор Томас Кук, што отпочна летови на рутата Брисел-Охрид, а во исто време стартуваа и чартерите Охрид-Белград на Ер Србија и Охрид-Тел Авив на Аркиа. Од скопскиот аеродром минатата година беа отворени четири нови линии до Берлин, Копенхаген, Братислава и Хановер со Визер.

Изминатата година, како што истакнуваат од компанијата, беше успешна за ТАВ Македонија. Продолжи високиот, двоцифрен раст на бројот на патници и достигна вкупно 1.794.376 патници на двата македонски аеродрома „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, со годишен пораст од 15 отсто. Во исто време, бројот на летови се зголеми за 8,9 проценти, односно во 2016 година беа реализирани вкупно 16.883 летови.

Би можело да ве интересира

Таен прекин на летовите во дел од Русија

Тревога во пет авиони на „Делта ерлајнс“: „Никој нема да преживее“

Горан Наумовски

Ер Франс и Луфтханза ги прекинаа летовите кон Бејрут, Тел Авив и Техеран

Несреќа во Франција: Се урнаа два борбени авиони

Египет упати апел до своите авиокомпаниите: Избегнувајте го воздушниот простор на Иран утре наутро

Летовите од аеродромот во Братислава се прекинати поради предупредување за бомба