Светот ги менува правилата во рударството – владите стануваат директни партнери во стратешките проекти

Од:

Владите ширум светот сè поактивно се вклучуваат во рударските проекти, надминувајќи ја традиционалната улога на заемодаватели. Притисокот за обезбедување стабилни синџири на снабдување со критични минерали ги менува моделите на финансирање, па државите стануваат директни учесници и обезбедуваат административна поддршка за стратешките рударски инвестиции.

Овој глобален тренд е особено значаен во услови кога бакарот и другите критични минерали добиваат сè поголемо стратешко значење. Додека голем број земји ги охрабруваат новите инвестиции, Македонија сè уште има ограничен број сериозни проекти во овој сектор.

Најзначајна е инвестицијата во бакарниот рудник Иловица–Штука, која со години се соочува со одложувања. Според инвеститорот, рудникот би работел околу 23 години и би имал значаен ефект врз економијата, БДП-то, државните приходи и развојот на рударскиот сектор, како и врз Струмица и општините Босилово и Ново Село.

Покрај Иловица, во земјата се спроведуваат и детални геолошки истражувања за антимон во близина на Крива Паланка. Проектот е финансиран од американското Министерство за енергетика преку Стратешкиот дијалог меѓу двете земји.

Инаку, дебатата на глобално ниво околу снабдувањето со критичните минерали дополнително се засили откако во февруари годинава американскиот претседател Доналд Трамп го објави лансирањето на проектот „Трезор“, кој претставува стратешка државна залиха на критични минерали поддржана со 12 милијарди долари. Целта е да се заштитат американските производители од прекини во снабдувањето, бидејќи САД ги забрзуваат напорите за намалување на зависноста од кинеските метали.

По објавата на „Трезор“, американската администрација соопшти дека потпишала или одобрила десетици меѓународни рамковни и проектни договори, односно вкупно околу 160 договори поврзани со минерали во вредност од близу 40 милијарди долари од јануари 2025-тата година, според Fastmarkets.

Според адвокатката Ребека Сејдл Инглсби, вклучувањето на државата сè повеќе добива форми кои некогаш првенствено се поврзуваа со приватните инвеститори, вклучувајќи ги акциите, ценовните минимуми и долгорочните договори за откуп.

„Владата не дејствува само како заемодавател. Владите сè повеќе стануваат „учесници во договорите“ во проектите. Во САД федералната поддршка еволуира од обезбедување заеми и друга финансиска помош во мешан модел во кој јавниот капитал може да стои директно покрај приватните инвеститори. Владата повеќе не само што ги поддржува овие договори, Владата сега е на масата како странка“, оценува Сејдл Инглсби.

Според анализата, ваквата промена означува значајна промена во финансискиот пејзаж во рударството, особено за оние кои развиваат проекти за критични минерали. Вашингтон распоредува инвестиции во акции, заеми и други механизми додека се стреми да го забрза домашниот капацитет за рударство, преработка и производство и да ја намали зависноста од Кина.

„Сега доаѓаме до проблемот со физиката, а не со политиката. Не можете да очекувате фабрика за магнети да започне со работа за единаесет месеци. Капиталот е тука, намерата е тука, но изградбата на вистински капацитет за преработка трае со години“, вели адвокатката.

Ваквото ограничување може да одреди колку брзо новиот модел на развој на критични минерали поддржан од владата ќе се претвори во производство. Сепак, за рударите, финансиската средина веќе е променета. Таа промена доаѓа во време кога САД и нивните сојузници се тркаат да воспостават алтернативни резерви на минерали што се користат во одбранбените системи, полупроводниците, енергетските технологии и напредното производство.

Би можело да ве интересира

Европа го забрзува ископот на критични минерали – Македонија има ресурс, но само една инвестиција

Горан Наумовски

„И здравје и работа“: Да градиме рударство што создава работа, развој и сигурна иднина

Македонија има потреба од одржливо рударство – „Иловица-Штука“ како можност за нов стандард

Македонија има потенцијал за критични минерали, но само Иловица има активна инвестиција

Поддршка од жителите на Иловица за рудникот: Инвестицијата може да донесе работа и да го спречи иселувањето

Додека Бугарија ги зголемува приходите од рударството, Македонија не заработува од бакарот во Иловица