Во Велес почна судското рочиште на кое се решава за судбината на фабриката од металската индустрија „Фени“ од Кавадарци.
„Јас сум единствен што успеав да дојдам од бројните вработени што беа задржани од обезбедувањето во ‘Фени’, а со една цел, да дадеме поддршка на судот и на институциите што побрзо да донесат одлука и да не дозволиме повторно да бидеме изманипулирани од фирмата ‘Енекод’, која три месеци нѐ лаже и никако да исплати плата или, пак, да даде прифатлива понуда, а бара понатамошни одлагања од судот“, рече Сашо Рајчиновски, вработен во „Фени“.
Истакна дека со ова на вработените, фабриката и кредиторите им се нанесува директна штета, а раководството на комбинатот направило сè за да ги спречи вработените да се појават во судот, преку закани, притисоци за бркање од работа.
„Без плата, од сопствени средства собиравме пари за да можеме барем дел да дојдеме за да испратиме јасна порака, и тоа, судот да не дозволи натамошни одлагања, одлагањата се на наша штета, колку побрзо судот донесе одлука толку побрзо ќе може во Фени да влезе сериозен инвеститор кој ќе ги преземе сите обврски во кои спаѓаме ние како вработени и нашите плати“, рече Рајчиновски.
Додаде дека вработените покренале и постапка за промена на синдикалното раководство зашто претседателот воопшто не постапувал во согласност со нивните интереси, а напротив, сите негови изјави биле диктирани од раководството на „Фени“ и „Енекод“.
„Тој воопшто ниту не консултира ниту нè информира за неговите постапки, дури и вчерашната негова изјава е дадена скришно и надвор од фабриката. Затоа ги молиме медиумите во иднина да не ги земаат предвид неговите изјави како претставник на синдикатот и работниците туку како претставник на сегашниот менаџмент и бугарски ‘Енекод’. Ги потсетуваме институциите дека има конкретни виновници што „Фени“ денес се наоѓа во ваква ситуација, кои успеаја да го тргнат вниманието од себе. Бараме надлежните институции во целост да ги истражат нивните постапки и соодветно да одговараат за штетата што е нанесена на фабриката, на нас како работници и на сите кредитори“, рече Рајчиновски.
Бугарски „Енекод “ утрово писмено ги извести банките дека не е во можност да исплати плати на вработените во „Фени“, откако доцна синоќа банките и дадоа рок на бугарската компанија заинтересирана за фабриката да исплати плати пред почетокот на рочиштето за стечај. Банките најавија дека веќе имаат понуда од заинтересиран инвеститор, кој е подготвен веднаш по отворање на стечајната постапка да депонира 3 милиони евра во банка во Македонија, со цел подмирување на неодложните обврски и трошоци во постапката, вклучувајќи ги и платите на вработените и другите обврски.
М.П.И