СДСМ има стратегија намерно да ја одолговлекува дискусијата за буџетот за да дојде до времено финансирање. Тоа го правите затоа што сметате дека државата треба да дојде до хаос за да се спаси СДСМ на некој начин, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, во тек на амандманската расправа за Предлог буџетот на седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
– Начинот на којшто се поднесуваат амандманите и начинот на кои се коментираат покажува дека вистинската цел не е да се дискутира за буџетот за 2013 година, туку вистинската цел на СДСМ е да се закочи донесувањето на буџетот за 2013 година и да се искористи дискусијата за буџетот за кампања за локалните избори, рече Ставрески.
Во ниедна европска земја, додаде, опозицијата не поднесе 1.226 амандмани на буџетот.
– Во ниедна земја со часови не се дискутира за поединечен амандман за кој очигледно е дека или не е надлежна централната власт или веќе се ставени пари во буџетот. Во буџетот на МЖСП стои дека има пари за пречистителната станица во Гостивар, за реализација на проектот којшто веќе повеќе години е во тек на реализација, има средства за 2013 година и ќе се заврши до средината на 2013 година, појасни Ставрески.
Вие, обвини, излегувате и трошите време, намерно, за да ја одолговлечите дискусијата.
– Тоа само покажува што е вистинската цел на СДСМ. Вистинската цел на СДСМ е да се закочи буџетот и да се спречи реализацијата на буџетот за 2013 година, поточно да се спречи зголемувањето на пензиите, да се спречи зголемувањето на субвенциите и редовната исплата на субвенциите, да се спречи зголемувањето на социјалната помош и редовната исплата на социјалната помош и да се спречи реализацијата на крупните инфраструктурни проекти како што е автопатот на Коридорот 10, националниот гасификациски систем, железницата кон Бугарија, реконструкцијата и изградбата на училишта, на јавни здравствени установи, на спортски сали за децата и на се она што се финансира од буџетот, рече Ставрески.
Вакво деструктивно однесување на една политичка партија, нагласи, немало во Македонија во овие 20 години.
– Имало многу партии во опозиција што биле и сите се изредиле во опозиција и никогаш немало вакво деструктивно однесување. Никогаш ни во Европа немало ваква ситуација да некоја опозиција во земја која што по сите меѓународни стандарди има извонредна макроекономска стабилност, има ниско ниво на долг, има низок буџетски дефицит на овој начин да го кочи буџетот и дискусијата за буџетот, рече Ставрески.
Потенцира дека недонесувањето на буџетот ќе биде на одговорност на СДСМ како политичка партија.
– Веќе е очигледно дека тоа е како ваша цел според начинот на кој ги дискутирате овие амандмани и начинот на којшто ги предлагате амандманите. Впрочем две третини од овие амандмани правно не може да се прифатат бидејќи не се прашање на централната власт, а вие добро тоа го знаете. Не верувам дека СДСМ не го прочитал тоа во Законот што се ингеренции на централна власт и што се на локална власт. Вие предлагате амандмани што се надлежност на локална власт, кои не може да се прифатат само за да има поголем број на амандмани, да се закочи работата, да дојде 31 декемри да се влоши ликвидноста во економијата, да не може да се исполнат обврските кон стопанството, да не може да се зголемат пензиите или редовно да се исплаќаат, да не може да се зголемат социјалните помошти и субвенциите за земјоделците и да не се реализираат капиталните проекти. Тоа нека ви биде на совест како политичка партија, потенцира Ставрески.
Претеникот Митре Велјаноски од СДСМ праша зошто толкави пари од буџетот да одат на пензии.
На тоа Ставрески му одговори дека првпат се случува преседан во Република Македонија и оти смета дека ќе има СДСМ црно петно од ваквото однесување бидејќи ја злоупотребува демократијата во Собранието.
– СДСМ има стратегија намерно да ја одолговлекува дискусијата за буџетот како што претходно и самите кажавте да дојде до времено финансирање. Зошто тоа го правите, затоа што вашата концепција е дека треба државата да влезе во хаос за да се спаси СДСМ на некој начин. Истите дискусии ги имавте минатата година, предминатата година и сите минати години зборувавте за тоа дека буџетот не чини, дека проектите се непродуктивни, ама ниедна претходна година не поднесовте 1.226 амандмани. Значи, самото тоа што постојано истата дискусија низ годиниве е, а првпат поднесувате толку многу амандмани и првпат се дебатира со часови за еден поединечен амандман покажува дека е смислена стратегија. За жал, стратегијата на СДСМ е секогаш колку полошо на Македонија толку подобро за лидерот на СДСМ. Тоа е целата концепција која што се крие зад оваа игра, обвини Ставрески.