Владината мерка за еднократен отпис на долговите на најранливите категории граѓани ќе заврши на почетокот на октомври. Ова го најави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески образложувајќи го законското решение пред членовите на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието на Република Македонија.
Првичните проценки се дека со ова решение ќе бидат опфатени меѓу 50.000 и 100.000 граѓани, меѓутоа, како што рече министерот Ставрески, конечните податоци за вкупниот број граѓани и износот кој ќе биде отпишан ќе зависи од тоа колку граѓани ќе се пријават и колку ќе ги исполнат условите.
Барањата за отпис на долговите граѓаните ќе ги поднесуваат во центрите за социјална работа во местото на живеење во рок од 30 дена од објавување на повикот од страна на Министерството за финансии, а за прифаќање на барањето ќе одлучува посебна комисија формирана од министерот за труд и социјална политика.
Ќе се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити класифицирани во категорија Г и Д од страна на банките, а кои не се обезбедени, како и за радио дифузна такса.
Министерот додаде дека со предложениот закон заедно со главниот долг треба да се отпишат и каматите, како и трошоците за нотари, извршители.
Тој појасни дека за отпишаниот долг доверителите, односно банките, ЕВН, топлификација ќе добијат право на даночен кредит во висина на одреден процент на долгот кој нема да биде повеќе од 10 отсто од отпишаниот долг. Ставрески потенцира дека со сите овие субјекти се направени разговори и за нив е прифатливо да извршат отпис на долгот при што е и прифатлив и утврдениот процент кој максимално се движи 10 проценти од отпишаниот долг.
Според Ставрески, со овој закон се предлага решение на проблемите на граѓаните кои заради екстерни случувања се соочија граѓаните во Македонија.
– Ова е еднократно решение, кое е одговор на последиците од кризата врз најранливите категории граѓани кои нема во иднина да се повтори. Меѓутоа, поради акумулираните проблеми поради последиците од светската и европската криза се сметаше за најсоодветно за Македонија, истакна министерот за финансии.
Со ова решение се предлага да се отпишат долговите на три најранливи категории граѓани, односно корисниците на социјална помош и постојана парична помош, невработени лица кои активно бараат работа подолго од 12 месеци и лицата кои се изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност или потешка болест настанати во последните пет години.
Услов за првите две категории за да ја користат оваа мерка е да немаат остварено дополнителни приходи поголеми од 105.600 денари во 2013 година и да не поседуваат друг имот освен станот или куќата во која живеат.
Министерот Ставрески потенцира дека предложениот закон претставува реализација на едно од најзначајните ветувања и најзначајните проекти во Програмата на Владата за 2014-2018.