Граѓаните имаат голем интерес за отпис на долговите. Заклучно со денешниот ден до центрите за социјални работи се доставени 17.600 барања од граѓаните од социјално ранливи категории. Бараат отпис на долгови кон банките, за струја, парно и радио дифузна такса.
– Значи, имаме висок степен на интерес на граѓаните за овој проект и очекуваме до 12 октомври, до кога трае пријавувањето, да имаме значителен број граѓани кои дополнително ќе достават барања. Тоа значи дека ќе се исполнат очекувањата за масовен одѕив на граѓаните кои спаѓаат во соодветните категории, рече денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на потпишувањето на договорите со доверителите кои се вклучија во мерката за отпис на долговите.
Тој потенцира дека станува збор за една масовна акција во која, освен Владата, се вклучија сите банки, ЕВН Македонија, Топлификација, МРТ, ЕЛЕМ енергетика, како и Комората на извршители и Комората на нотари, обезбедувајќи учество на сите релевантни субјекти за овој проект да биде успешен и да се реализира како што е планирано.
– Со потпишувањето на овие договори сите субјекти покажаа висок степен на општествена одговорност. Со оваа активност ќе им помогнеме на најранливите категории граѓани и од тој аспект сметам дека треба да им искажеме благодарност, но и да потенцираме дека со ова ќе овозможиме и понатаму да им се помогне на граѓаните во поглед на новите сметки за парно, струја и кон банките да можат со помал напор и поредовно да ги сервисираат и да ги вршат плаќањата, истакна Ставрески.
Ги повика сите граѓани кои се опфатени со законот да се пријават во центрите за социјална работа и да поднесат барање за отпис на долговите.
– Со оваа мерка се опфатени приматели на социјална помош, невработени лица подолго од 12 месеци и активно бараат работа и лица кои доколку поради смрт или тешка болест во семејството не можеле да ги отплаќаат своите обврски. Се отпишуваат долгови направени заклучно со 31 декември 2013 година, рече Ставрески.