Илјада претпријатија во земјава добија поддршка од евтината кредитна линија што ја обезбеди Владата од Европската инвестициска банка.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески истакна дека преку обезбедувањето кредитни линии од 250 милиони евра, што преку македонските банки завршија во македонските мали и средни претпријатија, се поддржа македонската економија.
– Претпријатијата добија поддршка во текот на кризата, а преку 5.000 работни места се креираа, изјави министерот.
Тој потенцира дека банките се ликвидни, иако кредитната активност е се уште недоволна, но се надева дека ќе биде повисока во наредниот период.
– Адекватноста на капиталот на банките е на солидно ниво, ликвидноста на банките е добра, нефункционалните пласмани се на пониско ниво отколку во други земји и се на се имаме стабилен банкарски сектор во кој што и кредитната активност иако се уште недоволна иако се надеваме дека ќе биде повисока во наредниот период сепак е на ниво кое споредено со другите земји е на подобро, истакна Ставрески.
Кредитната активност, како што истакна гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов, до крајот на годината е таргетирана на 7 проценти и посочи дека ќе вложат напори таа да се реализира.
Во прилог на тоа, според него, се и податоците за првиот квартал за растот на економијата кои покажуваат закрепнување. Очекува дека македонските банки кои имаат потенцијал ќе го препознаат овој момент и ќе ја поддржат економијата.
– Банките се стабилни. Немаме никакви загрозувања и на среден рок во поглед на ценовната стабилност и во поглед на банкарската стабилност. Девизниот пазар е исклучително стабилен. И во такви услови разгледуваме можности за мотивирање на банките за поголема кредитна поддршка, рече гувернерот и додаде дека од почетокот на годината банкарскиот сектор не го следи тој закрепнувачки тренд на економијата и оти централната банка ги разгледува сите можности што и стојат на располагање и можеби во догледно време ќе преземат некои мерки кои ќе значат поголемо мотивирање на банките за малку повисока активност.
Јитка Пантучкова, претседател на УО на Охридска банка, потенцира дека банките постојат за да помагаат и оти создадениот добар дијалог со Министерството за финансии и Народната банка овозможува заеднички да го поттикнат развојот на економијата.
– Успеавме да создадеме добар дијалог во рамки на Македонија во кој се вклучени Минситерството за финансии, НБРМ и банките, бидејќи банките постојат за да помагаат. Тука сме за да го поттикнуваат развојот на стопанството и токму преку овој дијалог се овозможува успешна соработка на трите главни чинители кои заеднички можат да го поттикнат развојот на економијата, истакна Пантучкова.
Компаниите од Европската инвестициска банка ги добиваат средствата по субвенционирана камата од 5,5 проценти и рок на отплата од осум години со грејс период од две години. Се пласираат преку Македонската банка за поддршка на развојот, а фирмите поднесуваат барање кај девет деловни банки – Стопанска банка Скопје, НЛБ Тутунска банка, Комерцијална банка, Охридска банка, Шпаркасе банка, Стопанска банка Битола, Прокредит банка, ТТК банка и Халк банк.