Ставрески: Долгот е на умерено ниво и е во функција на економски раст

Од:

Република Македонија останува во зоната на земји со умерен долг и е меѓу 10-те земји кои имаат најниско ниво на долг, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на новинарско прашање денеска по потпишување на договорите со доверителите вклучени во мерката за отпис на долговите.

Тој потенцира дека се води внимателна политика и оти сите средства кои се земаат вклучувајќи ја и еврообврзницата се насочени кон реализација на крупни инфраструктурни проекти.

– Во овој период се реализираат проекти кои се од стратешко значење за конкурентноста на Република Македонија како што се изградбата на пругата кон Бугарија, изградбата на автопатите од Скопје до Штип и од Кичево до Охрид и изградбата и реконструкцијата на железницата, а во следниот период ќе се реализира и проектот на гасификација. Станува збор за добро таргетирани проекти кои ќе овозможат не само поврат на средства, туку и на зголемување на конкурентноста на приватниот сектор, истакна министерот.

Според него, сето тоа укажува на тоа дека долгот на РМ е поставен во функција на долгорочен економски раст кој ќе помогне полесно да се враќаат обврските.

– Следната година имаме и дополнителни обврски кои ни ги оставија претходните влади, што е нормален начин на работење и во другите земји. Станува збор за 150 милиони еврообврзницата од 2005 година што е земена и доспева за плаќање во 2015 и дополнително 120 милиони кои доспеваат во следната година кон ММФ, рече министерот и додаде дека и буџетот за следната година ќе ги рефлектира овие приоритети на Владата, односно задолжувањата да бидат насочени кон реализација на крупни инфраструктурни проекти.

Очекува и во иднина Република Македонија да остане во зоната на умерена задолженост, а во функција на тоа се и последните уставни измени кои, како што рече, се најголем доказ за решеноста на економските политики да се остане во зоната на ниска задолженост.

– Верувам дека параметрите што се ставени во Буџетот за следната година и она што го предвидуваме во фискалната стратегија за следните три години ќе овозможат Македонија да не ги надмине предвидените лимити што се иницирани со уставните измени, рече Ставрески.

Тој додаде дека во делот на државниот долг ќе има намалување бидејќи ќе се исплаќа еврообврзницата и кон ММФ, а во делот на вкупниот јавен долг обратен процес поради реализација на проектите за изградба на автопатите.

Би можело да ве интересира

Над 2.500 земјоделски и прехранбени производи се очекува да поевтинат со новиот закон за нефер трговски практики

Орце Костов

Работниците со ниски приходи ќе добијат 3.555 ваучери за туризам од 300 евра

Орце Костов

Субвенции за клими: За југозападна Македонија ваучери од 25.000 денари, за останатите 2000 помалку

Орце Костов

Путин: Русија ја престигна Германија и стана првата економија во Европа

Горан Наумовски

Николовски: Очекувам цена до 400 денари за тутун од прва класа и минимум за 20 отсто повисоки откупни цени за годинава

Секој граѓанин треба да плати за тоа што потрошил: Бектеши повика да се реши проблемот со струјата во Слупчане

Орце Костов