Стабилен курс и ниска инфлација – стратегиски цели на НБРМ

Од:

Народната банка и во периодот 2015-2017 година останува на основните стратегиски цели – одржување ниска и стабилна инфлација преку стратегијата на одржување стабилен курс на денарот во однос на еврото, како и обезбедување финансиска стабилност како составен елемент на макроекономската стабилност и предуслов за остварување економски раст и просперитет.

Ова го предвидува Стратегискиот план на НБРМ што го усвои на денешната седница Советот на Народната банка.

Како што наведуваат во соопштението, стратегискиот план за наредните три години претставува продолжение на претходно утврдените стратегиски цели во областа на утврдувањето и спроведувањето на монетарната политика и поддршката на финансиските пазари, управувањето со  девизните резерви, одржувањето на финансиската стабилност, издавањето и управувањето со книжните и кованите пари, платните системи, статистиката, истражувањата и внатрешната ревизија. Воедно, Народната банка и натаму ќе го развива корпоративното управување и ќе го продлабочува системот на вредности. Во таа смисла, посочуваат од НБРМ,  ќе продолжи процесот на создавање современ и компетентен човечки капитал, воспоставување на најновите технолошки иновации во деловните процеси и на развивање на соработката со домашните и странските институции.

Советот, на денешната седница, ја усвои и Одлуката за начинот и постапката на известување за трансакции со нерезиденти. Со оваа одлука се овозможува за дел од субјектите, кои имаат обврска за известување за трансакции со нерезиденти, и тоа осигурителните компании, инвестициските фондови, пензиските фондови, да известуваат нивните регулатори. Со Одлуката, покрај тоа што се очекува намалување на товарот врз наведените деловни субјекти, се очекува и добивање податоци со подобар опфат и квалитет, затоа што ќе се известува и за состојбата на хартиите од вредност што ги поседуваат нерезидентите, наместо досегашната практика да се известува само за извршените трансакции.

На денешната седница, Советот ја донесе и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за начинот и условите за отворање и водење на сметки на нерезиденти. Со Одлуката за изменување и дополнување се овозможува уплата на ефективни странски пари во банка од страна на лицето овластено за уплата, без притоа пријавувањето при влез во Република Македонија да го извршил тој лично. Исто така, се овозможува и уплата на домашни и странски ефективни пари, без приложување писмена потврда, доколку парите потекнуваат од продажба на производи на патници во авиони.

Советот, на денешната седница, ја донесе и Програмата за истражувачката активност во периодот 2015-2017 година. Истражувањата предвидени за тригодишниот период треба да му дадат поддршка на процесот на одлучување, да придонесат за поуспешно функционирање на Народната банка и за соочување со идните предизвици. Воедно, предвидените истражувања и анализи треба да придонесат кон натамошно осовременување на работењето на Народната банка и подготовка за идното учество во Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ).

Би можело да ве интересира

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити за домаќинствата во март 5,4 проценти

Средби со Светска банка: Светска банка со поддршка на реформските активности на Народната банка за пристапување кон СЕПА

Девизните резерви на крајот на февруари 4,28 милијарди евра

Се одржа јубилејната 50. сесија на Клубот на истражувачите

Надворешниот долг е зголемен за 305 милиони евра во последните три месеци од 2023 година

Орце Костов

Просечната каматна стапка на вкупните кредити во јануари зголемена, кај депозитите намалување на месечно ниво