ССК: Недоволна соработка со компаниите во зоните со потенцијал за раст

Од:

Да се интензивира соработката на домашните компании со инвеститорите во слободните економски зони, преку пренесување на знање, технологии, менаџерски вештини во насока на зајакнување на нивната конкурентност, како и можности за отворање на пазарот надвор од државата, беше истакнато на денешната прес конференција на Сојузот на стопански комори (ССК).

Александар Зарков, извршен директор на Сојузот истакна дека согласно анализата на коморите за 2018 година соработката со компаниите од слободните зони треба да се поддржува и охрабрува, бидејќи само 4% од анкетираните компании се изјасниле дека се дел од вредносните синџири на компаниите од слободните економски зони, 6% обезбедуваат одреден тип на услуга, имаат некаков вид на соработка се изјасниле 13%, 18 % бараат можност за да соработуваат и многу високи 59% немаат никаква соработка и не превземаат конкретни мерки за надминување на ваквата состојба.

„Од анализата евидентно е дека 23% од компаниите остваруваат некаков вид на соработка во најголем дел на услуги и друг вид на соработка, која не е како стратегиски добавувач. При анализа на секторската распределба на компаниите со оние од слободните економски зони, ситуацијата малку се разликува од општата слика. Оние 4% на компании, кои се дел од вредносните синџири на зоните, градежниот сектор учествува со 6%, другите сектори со 5% и земјоделскиот сектор со 3%. Сите видови на дејности обезбедуваат логистика во опсег од најниските 3% во земјоделството до највисоки 9% во туризмот. Текстилниот сектор е различен преку обезбедување на друг вид соработка со високи 32%. Одговорите на 77% од испитаните компании кои се изјасниле дека “немата соработка” и “разгледуваат можности за соработка” се рангираат највисоко и се разликуваат од сектор до сектор, од 87% во земјоделството, 83% во ИКТ, 79% во категоријата “други дејности од наведените”, 76% во градежништвото, 76 % во туризмот, до 63% во текстил.

Гледано од аспект на големина на компаниите, 58% од големите компании во 2018 немале никаква соработка или само ги разгледувале можностите за соработка со компаниите од слободните зони. Процентот на компаниите кои не соработуваат или кои бараат можности за соработка се движи помеѓу 78-80%. Големите компании имаат највисок процент во вредносниот синџир на компаниите од слободните економски зони со 10%, додека овој процент кај малите компании е максимално 5%. Големите компании исто така учествуваат со највисок процент на логистичка поддршка на компаниите од зоните со 10%“, истакна Зарков и додаде дека од статистичките податоци може да се заклучи дека големите компании имаат најдобра соработка со компаниите од зоните како партнери кои можат да обезбедат доставување на договорени стоки или услуги навремено и со стандарден квалитет.

Малите и средните претпријатија кои сочинуваат 99,7% од сите регистрирани претпријатија во земјата детектирано е дека имаат ограничени ресурси за соработка со компаниите во слободните економски зони. Трајан Ангелоски, член на УО во ССК појасни дека МСП немаат доволно средства за да ги следат технолошките промени што ги бараат странските инвеститори.

„Темпото на развој се забрзува, се прават напори и се креираат мерки за поддршка на државно ниво, но потребно е поголемо искористување на средства од европските фондови кои треба да се насочат, домашните компании да го подобрат технолошкиот развој и процесот на стандардизација во работењето. На домашните компании им е потребен поволен деловен амбиент и средства за да инвестираат во квантитет на производството, во поконкурентни цени и во процесот на стандардизација, бидеји најголемиот јаз помеѓу домашните и странските компании е токму слабата технолошка развиеност на домашните капацитети, стандардизација и сертификација на производството како и неконкурентните цени“, истакна Ангелоски и додаде дека унапредувањето на техничко-технолошките капацитети на компаниите е предуслов за развој на нови и постојни производи сè со цел зголемување на нивната конкурентност, извоз, како и освојување нови пазари.

ССК смета дека се очекува подобрување на состојбата во иднина во стабилен деловен амбиент, погоден за инвестирање и искористување на средства предвидени за технолошки напредок на компаниите, како и заложбите за интензивирање на соработката на новите странски инвеститори со локални квалификувани добавувачи.

Би можело да ве интересира

Ангелоски: Очекуваме што е можно побрзо Владата да ги договори условите за унгарскиот кредит

ССК: Кинескиот пазар стратешка цел за извозот на македонската храна и вино

ССК: Со данокот на солидарност опфатени иновативните, успешни компании, а не и банките кои остваруваат огромни профити

Ангелоски: Секое замрзнување на цените има консеквенци, ние преферираме слободен пазар

Ана Ололовска

Потпретседател на ССК проф. д-р Симов: ИКТ секторот, туризмот и агро бизнисот главни сектори за соработка со Бугарија

Ана Ололовска

Сојузот на стопански комори 18 години репрезентативен глас на македонскиот бизнис

Ана Ололовска