Претставници на Министерството за труд и социјална политика остварија средба со претставници на Конфедерација на синдикати на Македонија (КСОМ).
На средбата претседателот на КСОМ Марјан Ристески, генералниот секретар на КСОМ и претставник Синдикатот на полицијата Гоце Делчев Тодев и членот на претседателство и претставник на Независниот синдикат на градежните работници, инженери и трговци во градежништвото Атанас Трајковски ги презентираа состојбите во остварувањето на работничките права како и состојбите коишто се однесуваат на синдикалното организирање во приватниот сектор и сл.
Од друга страна, Министерството за труд и социјална политика ја истакна спремноста за соработка во однос на унапредувањето на работничките права имајќи ги во предвид меѓународните стандарди и искуства.
Новата Влада на РМ во своите програмски определби се обврза да обезбеди процес на загарантирани консултации со граѓанскиот сектор, со коморите, со синдикатите и со други релевантни чинители во сферите на работа на власта, при носење нови закони и измени на постојните.
Исто така, се обврза и дека ќе направи евалуација за примената на Колективниот договор за вработените во МВР и почитување на работното законодавство. Доколку се утврдат пропусти, слабости и недоречености ќе се отвори социјалниот дијалог за подобрување на колективниот договор заради заштита на правата на полициските службеници. При тоа, ќе се дозволи слободно синдикално организирање на полициските службеници и слобода на одлучување за членство во синдикати. Нема да дозволиме злоупотреба на синдикалното организирање во цели кои не се во функција на заштита на правата и слободите на вработените во МВР.
Заложба на новата Влада е и подобрување на стандардот и квалитетот на живот на припадниците на МВР на тој начин што тие ќе се распоредуваат на работа во местото на живеење. На тој начин, ќе им се намалат трошоците за одвоен живот и патувања кои досега паѓаа на нивен товар.
Заеднички интерес, пак, и на МТСП и на претставниците на синдикатите присутни на денешната средба е да се донесе нов Закон за работни односи посветен на обезбедување на вистинска заштита за работниците.