Носителот на изборната листа на СДСМ во изборната единица 2, Оливер Спасовски, попладнево на средби со граѓани во општината Старо Нагоричане го објасни концептот на партијата за брза развојна економија.
Со оглед дека најголем дел од жителите на општината се занимаваат со земјоделство, беше зборувано за повисоките и редовни субвенции, за исплатата на заостанатите субвенции од времето на режимската власт, којашто делеше земја на партиски луѓе и ги правеше феудални земјопоседници, а ги потценуваше трудот и потта на чесните и работливи земјоделци.
„Голем дел од вас се занимаат овде со земјоделство и да знаете кога велиме нова развојна економија, мислиме и на модерно, европско земјоделство. Во Програмата се обврзуваме на годишна финансиска поддршка од 200 милиони евра, за земјоделството и руралниот развој. Се обврзуваме на бесплатна зелена нафта, за сите земјоделци, до крајот на мандатот. Ќе има двојно повеќе пари за поврат на персоналниот данок за земјоделците. Ќе има 20-процентно годишно зголемување на поддршката на жени земјоделки. Ќе има бесплатна обука на фармери за поефикасно искористување на ИПАРД средствата. Ова е дел од предвиденото за земјоделците во Програмата на СДСМ“, рече Спасовски.