По објавените реакции на Независната угостителска комора (НУК), утрово, Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ја презакажа средбата за утре, 30 јануари, во 14:00 часот.
Средбата требаше да се одржи денеска, во 14:30 часот, но Битиќи, како што информирал неговиот Кабинет, не можел да присуствува.
-Од Кабинетот на заменик-претседателот на Влада за економски прашања утрово телефонски е презакажана договорената работна средба со вицепремиерот Битиќи и претставници на Независната угостителска комора за сабота 30 јануари во 14:00 часот. Се надеваме дека средбата ќе даде резултати и во рамки на можностите на Владата со новиот петти сет економски мерки, покрај угостителските работници и сите угостители и зависни и засегнати индустрии од угостителската индустрија ќе ја добијат неопходната финансиска помош, соопшти НУК.
НУК вчера на прес-конференција јавно кажа дека не сака да учествува на средба на која Битиќи нема да присуствува зашто тој е еден од креаторите на петтиот сет антикризни мерки. Комората го отфрли предлогот на Кабинетот на вицепремиерот средбата сепак да се одржи, но со заменици на Битиќи. Притоа, побара, а достави и официјално писмено барање до Владата, да учествува на денешната средба со стопанските комори.