Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски, заедно со министерот без ресор Зоран Шапуриќ, задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните компании, денеска во Царинската управа одржаа работен состанок со претставници на околу 15 домашни компании.
На состанокот, соопшти Царинската управа, присутни беа претставници и од Министерството за економија, Министерството за животна средина, Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи.
– Целта на состанокот беше да се споделат мислења и заеднички да се пронајдат најсоодветните решенија за проблемите и потребите на домашните компании. Во оваа прилика претставниците на домашните компании имаа можност отворено да зборуваат за предизвиците со кои се соочуваат во текот на своето работење и заедно со претставниците од државните институции да дадат предлози за решавање, а сѐ со цел создавање подобар економски амбиент, наведуваат во соопштението.
Шапуриќ истакна дека оваа средба е надоврзување на претходните посети во домашните компании за да се информира за мерките што се преземаат и ќе бидат преземани од Владата на Република Македонија со цел зголемување на инвестициите на домашните компании, подобрување на бизнис климата во државата и дефинирање на мерки и активности кои ќе водат кон подобрување на состојбата.
Директорот Танасоски истакна дека Царинската управа е отворена за соработка со економските оператори, подготвена да даде свое видување за проблемите и во најбрз можен рок да одговори со мерки за подобрување, почнувајќи од оние за кои во моментот нема пречки за спроведување, а во иднина ќе се напредува и кон други дополнителни мерки за кои можеби моментално постојат бариери што со заедничка соработка постепено ќе се отстрануваат.
Царинската управа, се истакнува во соопштението, максимално ќе се насочи и ќе ја поддржи секоја иницијатива за директни средби од ваков тип, што ќе помогне да се подобри работењето и да се направи чекор напред во соработката и довербата меѓу институциите и бизнис секторот.