Сопственици на фирми и во октомври ја злоупотребиле државната помош за плати, најавена кривична одговорност

Од:

Работодавачи кои поднеле и добиле финансиска поддршка за исплата на плата на вработените за октомри, во рамки на четвриот пакет мерки, не ја исплатиле платата на вработените. Според податоците што ги соопшти директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска денеска на прес-конференција, станува збор за 179 работодавачи, во износ од 5.271.776 денари кои не исплатиле плати на 338 вработени лица.

Списокот на компаниите ќе биде денеска доставен до Генералниот секретаријат на Владата, кој треба да го објави јавно и нема да може да се ажурира што беше случај при спроведување на ваквата мерка во месеците април, мај и јуни, кога исто така имаше работодавачи кои не ја исплатиле и се уште има некои кои не ја исполниле оваа законска обврска. До Генералниот секретаријат на Владата ќе биде доставен и списокот на фирмите што не исплатиле плата, а зеле поддршка за април, мај и јуни.

-Од овие работодавачи кои не исплатиле плата за октомври, а зеле поддршка од државата, 40 се од дејноста трговија на мало, кои примиле финансиска помош од 968.254 денари и на 63 вработени не исплатиле плата, 23 фирми се од дејноста подготовка на оброци и служење храна кои добиле финансиска помош од 830.614 и на 55 вработени не исплатиле плата, 12 фирми се од дејноста транспорт со финансиска поддршка од 418.512 денари и на 25 вработени не исплатиле плата. Тука влегуваат и дејностите трговија на големо, изградба на зграда, трговија на големо и мало со автомобили и мотоцикли, истакна Лукаревска, додавајќи дека 52 од овие фирми се од Скопје, 41 од Тетово и 15 од Гостивар.

Дваесет и четири даночни обврзници, пак, кои побарале за дел од своите вработени поддршка преку конечна пресметка, а за дел со исправка, за 506 вработени примиле 2.005.437 денари, но не извршиле исплата на дополнителен износ по поднесените исправки од 99.186 денари. Тоа, како што рече, се компании од трговија на големо, подготовка на оброци и служење храна, останата производствена индустрија, а најголем дел – три се од Скопје, три од Битола и по две од Гостивар и Неготино

На работодавачите што користеле финансиска поддршка, а не исплатиле плата доставени се опомени по што следи постапка на присилна наплата.

-Во ваков случај се предвидува глоба од 500 до 1000 евра на микро претпријатие, од 500 до 2000 за мало претпријатие, од 1.000 до 6.000 евра за средно претпријатие и од 1.000 до 10.000 евра на големо претпријатие, истакна директорката на УЈП.

Таа потенцира дека се уште има фирми кои не ја исплатиле платата иако зеле финансиска поддршка за месеците април, мај и јуни.

– За компании кои не исплатиле плата за април, мај и јуни спроведена е присилна наплата. Платата не е наплатена кај 55 работодавачи за април, 48 за мај и 82 за јуни. 149 немаат исплатено за само еден месец, 25 за два месеца и пет за сите три месеци, април, мај и јуни. За овие компании се доставени податоци и до Јавното обвинителство за покренување кривични постапки и ќе ги доставиме до Генералниот секретаријат на Владата за да се направи нивно објавување, рече Лукаревска.

Таа додаде дека кај компаниите кои не исплатиле плата, а зеле поддршка, ќе се спроведе и детална контрола по сите видови даноци, но ќе бидат контролирани. Заедно со Државниот инспекторат за труд ќе се контролира и кај компаниите кои исплатиле пониска од минималната плата.

-Секој кој го прекршил законот ќе одговара. Можеби премеки се овие санкции меѓутоа не застанавме тука, спроведувавме постапки за присилна наплата, спроведуваме, а и во иднина ќе спроведуваме. Отворени се соодветни налози што треба да се предадат на инспекторите кои треба да влезат во овие компании за да се види какво било нивното работење. Соодветна соработка ќе имаме и со ДИТ. Построги мерки треба да има. Исто така, и оваа јавна објава сметавме на почетокот ќе вроди со плод, но очигледно на оние што мислат дека ќе го изиграат законот нема да им помине. Покрај оваа листа ќе објавиме уште три листи кои од април немаат направено исплата на плата, рече Лукаревска.

Таа појасни дека на дел од фирмите што користеле помош, а не исплатиле плати им беа блокирани сметките, им беше одземен износот што го добиле како помош со цел да се наплатат, а исто така и овој пат кривичната одговорност ќе биде неизбежна.

Финансиската поддршка преку оваа мерка зависно од големината на загубата на фирмата се движи од 14.500 денари до 21.776 денари по вработен.

Би можело да ве интересира

Поради зголемен прилив на ДДВ-04 пријави, системот Е-даноци работи забавено

УЈП очекува детали од Министерството за финансии за најавеното намалување на даноци

Констатирани неправилности кај шест даночни обврзници во општина Виница

ВМРО-ДПМНЕ: Парите што се краделе од СДС и ДУИ сега завршуваат во буџетот

Петрова ја презеде директорската функција во УЈП

Елена Петрова нов директор на УЈП, Бобан Николовски на Царинската управа