50,1 милион евра од Европската инвестициона банка ќе се пренаменат за поддршка на малите и средните претпријатија, одлучи Владата на денешната седница.
Станува збор засубвенционирање на каматата спрема Европската инвестициона банка која ќе се пресметува на преостанатиот дел од заемот во износ од 50.962.187,00 евра одобрен со Финансискиот договор, наменет за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти – V фаза, што беше склучен меѓу Европската инвестициона банка и Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје, како и пресметаната камата од страна на Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје.
„Примарна цел на оваа кредитна линија е обезбедување на свеж капитал за поддршка и за надминување на проблемите кои произлегуваат од новонастанатата состојба со појава на коронавирусот КОВИД-19 кој директно го погодува работењето на малите и средните претпријатија, во насока на мерките за стимулирање на работењето на мали и средни претпријатија преку пронаоѓање на модалитети за стимулирање на процесот на производство, обезбедување на ликвидност на претпријатијата, зачувување на работните места како и задржување на конкурентната позиција на компаниите“, велат од Владата.
На оваа седница Владата ја усвои Информацијата за потребата од редизајнирање на Кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) и Кредитната линија за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија со цел ставање на средствата од овој фонд и кредитна линија во функција на намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19, со препорака Развојната банка на Северна Македонија олеснетите услови да ги примени во Јавниот повик во најкраток можен рок.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за пренос на дополнително прибрани средства од Компензационите фондови од странска помош од сметките на Министерството за финансии во Народна банка на Република Северна Македонија на сметките на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје.
На оваа седница Владата ја донесе Уредбата со законска сила за финансирање на организирање и реконструкција на јавните површини во просторот на Клинички центар „Мајка Тереза“, Скопје за време на вонредна состојба согласно која се утврдуваат финансиски средства во висина од 78.000.000,00 денари за обезбедување на поефикасно функционирање на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, за овозможување на укажување на здравствени услуги, пренесување и транспорт на пациенти заболени од заразната болест коронавирусот КОВИД-19 и непречено функционирање на останатите клиники во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во услови на зголемен обем на работа за време на вонредна состојба.
Според Член 2 од оваа Уредба, финансиското учество на Владата на Република Северна Македонија е за трошоци за реконструкцијата на улици и тротоари, пробивањето на нови влезови, одвојување на автомобилскиот и пешачкиот сообраќај и непречено движење на интерхоспиталните и интервентните возила и возилата на Итна медицинска помош, докторите и пациентите на клиниката, како и расчистување на јавните површини на просторот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ Скопје.
Средствата утврдени со оваа Уредба Министерството за финансии ќе ги префрли на Град Скопје, кое ја реализира реконструкција на јавните површини во просторот на Клинички Центар „Мајка Тереза“ Скопје, во координација со Јавните претпријатија основани од Градот Скопје.
На оваа седница е донесена и Уредбата со законска сила за примена на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, со која полагањето на испитот за советник за безбедност при превоз на опасните материи и на испитот за стручна оспособеност на возачите на моторни возила за превоз на опасни материи се одложува за време на траењето на вонредната состојба, и со која важноста на сертификатите за стручно оспособување на советник за безбедност при превоз на опасните материи и за стручна оспособеност на возачите на моторни возила за превоз на опасни материи чиј рок на важење е истечен, се продолжува за време на траење на вонредната состојба.
На предлог на Министерство за транспорт и врски, на седницата е донесена и Уредба со законска сила за примена на Законот за превоз во патниот сообраќај, согласно која полагањето на испитот за професионална компетентност на лице одговорно за превоз и на испитот за професионална компетентност на возач за учество во меѓународен патен сообраќај се одложува за време на траењето на вонредната состојба, и со која важноста на сертификатите за професионална компетентност на возач за учество во меѓународен патен сообраќај чиј рок на важење е истечен, се продолжува за време на траење на вонредната состојба.