Петнаесет производители на пченка од Североисточниот плански регион ги зголемија приносите за 60 проценти користејќи ги системите „капка по капка“ што ги донираше Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси.
Земјоделецот Зоран Димитријевиќ, кој го користи овој систем, очекува рекорден принос од 19 тони по хектар.
– Оваа година првпат користев систем капка по капка на еден хектар со пченка и сум презадоволен. Наредната година планирам да аплицирам во програмата 50-50 за да поставам систем капка по капка на уште 20 хектари со пченка, изјави Димитријевиќ.
Тој посочи дека пред да го користи системот „капка по капка“ има приноси од 7 до 8 тони од хектар, а сега очекува од 18 до 20 тони по хектар.
Американскиот амбасадор Пол Волерс, кој денеска ги посети земјоделците, истакна дека иновациите имаат моќ да ги трансформираат малите фарми во профитабилни бизниси.
– Со зголемувањето на употребата на системите капка-по-капка, макро економските придобивки ќе станат поочигледни. Зголемувањето на продуктивноста со време ќе и овозможи на Македонија самостојно да ја задоволи целосната домашна побарувачка на пченка. Очекуваме дека овој процес ќе создаде 2.800 нови работни места и повраток на инвестиција од дури 101 милиони евра во индустријата за производство на пченка и млеко, рече Волерс.