Сиромаштија под германските покриви

Од:

Дојче Веле – Берлин

Колку сиромашни има во Германија? Одговорот на тоа прашање најдобро го знаат соработниците на градските кујни. Многу луѓе немаат пари да купат храна и преживуваат благодарение на градските кујни.

Црвената фасада на таа зграда покрај католичката црква во овој сив ден остава слика на дамка од боја. Во келнскиот кварт Холвејде веќе со часови врне дожд. Небото е тмурно. Зад црвената фасада има десет волонтери кои ја сортираат храната со големи зелени пласични кутии: овошје, зеленчук, колбаси, сирење и друга храна.

– Видете го ова, вели една 80-годишна пензионерка Хелга Дул и покажува на убаво спакувана италијанска шунка. – Такви производи во нашето општество остануваат едноставно како вишок, додава таа.

Градската кујна во Холвејде добива храна од организации кои во пазарите и супермаркетите ги собираат остатоците и потоа ги делат. Секој понеделник во Холвејде се делат вреќи со храна. До пред една година состојбата била подобра, но во меѓувреме количеството на храна е намалено.

– Сиромаштијата веќе со години се зголемува. Ние со својата понуда не успеваме да ги покриеме потребите, вели Михаел Момбартз. Сега секој што има потреба добива вреќичка со храна два пати во три недели. Порано вреќичка со храна можеа да добијат секоја недела.

Момбартз веќе 20 години го организира делењето на храна во Холвејде и во еден соседен кварт. Тој се грижи за сиромашните, организира средби со бездомниците, го координира собирањето и делењето на облека и храна. Врз основа на потврди за примањата тој проверува дали некој може да добие помош или не. Во 2014 година бројот на сиромашните со вакви потреби многу е зголемен. „Од тогаш бројот е константен, но на многу високо ниво‟.

Не земал шунка

– Дали сте муслиман?, прашува една волонтерка додека во раката држи спакувано парче шунка. Почна делењето на храната, а Самер Хасну од неодамна е во Германија. Овој Сириец живее со сопругата во еден стан во Холвејде. – Многу добро, одговара тој, на лош германски јазик и покажува на својата зелена кутија со храна. Шунка не сакаше да земе.

На пописот на Момбартз во 2004 година, кога почнал со делење на храна, имало 10 лица. Денес се 120. Меѓу нив пред се се самохрани мајки, пензионери и лица кои подолго време немаат работа. – Сега уште имаме и бегалци кои живеат во станови и можат сами да готват, вели Момбартз.

Нема проблеми меѓу бегалците и луѓето кои веќе подолго време доаѓаат тука по храна, вели овој теолог.

Весна Томиќ веќе осум години му помага на Момбартз во делење на храната. – На почетокот сите мора да се навикнат на тоа дека тука сега се и бегалците, вели оваа Хрватка, која ги чита имињата од листата и ги повикува луѓето од чекалната да дојдат по храна. – Сите знаеме дека не доаѓаат тука од забава, туку затоа што им треба помош, вели Весна Томиќ.

Таа како самохрана мајка на две деца и самата долго користела помош. Но, Германија е солидарна. – Во секоја неволја има некоја ронка надеж. Само мораш малку да се потрудиш, вели Весна и го повикува следниот да дојде по храна.

Големо чувство на срам

Момбартз работите ги гледа поинаку. – Луѓето на почеток доаѓаат тука со големо чувство на срам, а често и плачат. Кога ќе ги погледнеме посебно постарите луѓе кои речиси цел живот работеле, а потоа мораат да преживуваат со стотина евра месечно, мислам дека во земја како што е Германија работите би морале да изгледаат поинаку, вели загрижено Момбартз.

– Без помош во храна јас ќе морам да се откажам од многу нешта, вели 75-годишната пензионерка Сигрид Гига, додека во својата чанта става готово тесто, чоколади и моркови. Чоколадите се за нејзината внука, вели старицата која изгледа задоволна.

Јан Хофман е 50 години помлад. Ова младо момче штотуку ја наполни својата торба со храна. Од неа се гледаат шпагети. – Јас сум тука само привремено, вели тој. Бил подолго без работа, а наскоро наводно ќе добие работа.

– Тоа се случува на среќа, вели Момбартз. – Луѓето доаѓаат и разговараат со радост: Добив работа!, раскажува тој

Бројот на тие кои успеваат да се вработат за жал е многу мал. – Мислам дека пет до десет отсто добиваат редовна работа. Останатите повеќето од нив по два до три месеци повторно се враќаат во градските кујни, додава тој.

Во меѓувреме е поделена и последната кутија. Весна Томиќ го остави својот список и помага кај раскревањето. Брзо ги покриваат остатоците од храната, пред се салатите, сега се пред вратите покрај корпите за смет. Неколку стари жени се уште ставаат главици салати во чантите, пред да заминат дома.

Би можело да ве интересира

Германија стравува дека утре ќе избијат немири, илјадници полицајци пристигнуваат во Берлин

Меѓународниот суд на правдата нема да и наложи на Германија да го запре извозот на оружје за Израел

Горан Наумовски

Русин со нож усмрти двајца Украинци во Германија

Првиот германски разузнавач: И Русите се подготвени за саботажа

Горан Наумовски

Тројца тинејџери уапсени во Германија под сомнение дека планирале напад

Спречен терористички напад во Германија