Доколку банките имаат инвеститор за „Фени“, нека го повикаат на утрешното рочиште за стечај, повика на денешната прес-конференција Ѓоре Палитов, претседател на Синдикатот во комбинатот, за кој неколку банки покренаа стечајна постапка како доверители.
Според него, банките одлучиле да покренат стечај и побарувања кои не се достасани.
– Доколку има некој друг поголем инвеститор за кој банките само шушкаат, нека го повикаат утре на рочиштето во Велес и согласно законот со обезбедени гаранции нека го сопре овој процес низ законска постапка, апелираше тој.
Во името на синдикалната организација ја извести јавноста ставовите во врска со барањето на банките за стечај на компанијата.
– Ние како вработени знаеме дека условите за стечај се креирани вештачки и дека компанијата е во добра кондиција и подготвена за производство. Компанијата има сопственици, има инвеститор и има услови за рестартирање во ситуација на светските берзи кога цената на никелот расте и кога беше обезбедена поевтина електрична енергија, рече Палитов.
Апелираше до УЈП како и до претстечајниот управник и надлежниот суд да се одобри исплатата на заостанатите плати од повратот на ддв за што веќе е испратено барање.