Швајцарците денеска на референдум со големо мнозинство изгласаа укинување на бонусите на своите водечки бизнисмени, според првите официјални резултати, според кои во Женева 67,7 отсто ја поддржале иницијативата, а сличен бил процентот и во кантоните Вод и Фрибург.
Според проекцијата за финансиската престолнина на Швајцарија, Цирих, за таа мерка, наречена Миндерова иницијатива по сенаторот Томас Миндер, до крајот на гласањето ќе се изјасни 71 отсто од гласачкото тело.
Во Женева гласањето заврши на пладне, а во Цирих гласачките места ќе бидат отворени нешто подолго.
– Народот одлучи да испрати силен сигнал до управите на фирмите, до швајцарската Влада и до Парламентот, рече Миндер, додавајќи оти не е изненаден од досегашните резултати.
Референдумот на негова иницијатива е одржан на национално и на локално ниво, а се однесува само на швајцарските компании од списокот на швајцарските или странските берзи.
Според иницијативата, мандатот на членовите на извршните одбори на фирмите ќе биде ограничен на една година, и ќе бидат укинати извесни надоместоци, меѓу кои се и отпремнини кои ги добиваат извршните директори кога ќе ја напуштат компанијата.
Освен тоа, предвидено е укинување на бонуси за преземање или кога компанијата ќе продаде дел од својот бизнис.
Својата кампања против „алчноста на банкарите и менаџерите“ Миндер ја започна пред пет години, по избувнувањето на глобалната финансиска криза и колапсот на повеќе големи банки.
Швајцарија ја избегна економската криза која ја погоди ЕУ, но јавноста е незадоволна со високите плати и бонуси за водечките бизнисмени.