Ревизија на системот на дискрециските овластувања при вработувањата во администрацијата, најавува министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири
-Во Владата веќе е препознаена потребата од ревизија на системот на дискрециските овластувања, за да се овозможи нивна примена на законски и праведен начин. Дел од нив се однесуваат и на дискрециските овластувања при вработувањата. Во оваа сфера во примена се повеќе закони кои содржат и создаваат можности за дискрециски овластувања. Законот за државни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за работни односи се само дел од нив. Со внимание ќе ги проучиме анализите и препораките и ќе се заложиме за нивно соодветно спроведување со цел дополнително да се подобри и законската и институционалната рамка од областа на вработувањата, рече Шаќири на завршната конференција „Подобрување на рамката на дискрециските овластувања“, во рамки на ИПА 2017 проектот „Поддршка на државната реорганизација“.
Воспоставувањето јасни линии на отчетност, кохерентна институционална поставеност на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби од централната власт, како и јасната поделба на функциите и политиките преку нивно спојување, укинување или создавање, посочи Шаќири, е првиот чекор кон градење на демократски систем, цврста администрација и силен институционален систем заснован на начелото на владеење на правото.
-Професионализацијата на администрацијата е една од главните цели на процесот на реформа на јавната администрација во Република Северна Македонија. Согласно утврденото во приоритетната област 2 – Јавна служба и управување со човечки ресурси од Стратегијата за rеформа на jавната aдминистрација, една од мерките за остварување на посебната цел за деполитизација на администрацијата преку зајакната примена на начелата на заслуги (merit), еднакви можности и соодветна и правична застапеност, како и професионализација на високите раководни позиции (senior civil service), е воспоставување висока раководна служба во администрацијата, рече Шаќири.
Тој потенцираше дека основна цел од воспоставувањето на висока ваководна служба е унапредување на јавните услуги, подобар придонес кон модернизација на државната администрација и зајакнување на доброто владеење како иманентен принцип на работење во јавната администрација.
Системот на висока раководна служба треба да обезбеди постигнување на две клучни цели, односно професионални високи раководители-избрани врз основа на нивните компетенции и воспоставување на односи на доверба и одговорност помеѓу политички избраните и именуваните лица и високите раководители.
Според министерот Шаќири, воспоставувањето на системот на висока раководна служба и новата архитектонска структурна реорганизација/оптимизација на јавниот сектор, ќе значи рационализација и намалување на бројот на високи раководни места, но едновремено и воспоставување на линии на отчетност на високите раководители. Затоа е од исклучителна важност севкупната вклученост и поддршка во процесот на професионализација на јавниот сектор, воспоставување на ефикасни и ефективни институции поблиску до граѓаните.